КолумниНовости

Расте бројот на газди кои не исплаќаат К-15

   Време за читање 3 минути

Во четвртокот на веб страната на порталот Работник објавив графикон во кои се прикажани податоците кои ги добив од Државниот инспекторат за труд за тоа колку претставки добиле во 2024 година и кои биле најпрекршувани работнички права во текот на измината година.

Вкупниот број на претставки кои стигнале до инспекторатот изнесува 3,322. Од нив, најголемиот дел или 812 се по разни основи како прекршување на правата од областа на безбедност и здравје при работа, лоши работни услови и други права кои произлегуваат од работниот однос. По нив следуваат неисплатен К-15 за кој добиле 513 претставки, престанок на работен однос спротивно на законските прописи – 396 претставки итн.

Да се навратиме на вкупниот број на претставки кои ги добиле во текот на измината година. Три илјади триста дваесет и две не е занемарлива бројка, туку напротив е загрижувачка и покажува дека сѐ уште има газди кои работниците, наместо да ги гледаат како соработници, ги третираат како потрошен материјал. Јас верувам дека вистинската бројка на прекршени права од работен однос е многу поголема, бидејќи не секој работник кој се соочува со ваков проблем, поднесува претставка до ДИТ.

Како и да е, трендот на лоши работни политики продолжува и покрај огромниот недостиг на работна сила. Можеби дел од газдите се имаат освестено, но факт е дека значителен дел од нив продолжуваат да тераат по старо. Испаѓа дека мислат оти невработеноста сѐ уште е 30 %, па се убедуваат дека ќе најдат работници, но кога-тогаш реалноста ќе ги удри по глава, само да не биде премногу доцна, па да не можат да се усогласат со таа нова реалност. Податоците на ДИТ укажуваат и на тоа дека е зголемен и бројот на претставки за неисплатен К-15. Во 2023 година до нив пристигнале 415 претставки, додека, како и што посочив погоре, минатата година тој број изнесувал 513, што укажува на тоа дека расте бројот на газди кои не исплаќаат К-15, делумно исплаќаат или ја исплаќаат целосната сума, но потоа ги бараат парите назад.

За жал, тие што треба не го решија проблемот околу исплатата на регресот за годишен одмор. Според мене, во Општиот колективен договор за приватен сектор треба да се стави посебна одредба во која ќе се дефинира минималната сума на К-15 која секој работодавач е должен да ја исплати. Согласно сегашниот колективен договор, работадавачите кои имаат финансиски тешкотии можат да исплатат помала сума од предвидената која изнесува 40 % од месечната нето плата по работник, па така газдите кои имаат финансиски тешкотии можат да исплатат само 100, 500 или 1,000 денари. Инаку, додека сме кај регресот, податоците покажуваат дека најмалку го исплаќаат газдите од секторот Трговија.

И најважното последно. Дел од претставките се однесуваат и на неисплатени плати, неисплатена минимална плата и додатоци на плата. За да биде појасна сликата, 401 лице пријавиле дека не им биле исплатени плати, 76 минимална плата и 396 лица пријавиле дека не им биле исплатени додатоци и надоместоци на плата. Мислам дека сето ова доволно покажува зошто пазарот на труд во Македонија е во очајна состојба.

Ставовите изразени во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на Порталот Работник