МакедонијаПравда

Ристески: Акцијата за контрола на угостителските објекти не е запрена

   Време за читање 1 минута

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во гостувањето на „Топ тема“ на „Телма“ потврди дека акцијата за контрола на угостителските објекти, иницирана од Владата по трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ каде животот го загубија 61 лице, а речиси 200 беа повредени, сè уште е во тек и активно продолжува.

Ристески појасни дека станува збор за координирана акција на повеќе институции и инспекторати кои спроведуваат вонредни инспекциски надзори, надвор од редовните годишни планови. Досега се извршени приближно 300 контроли во угостителски објекти. Акцијата ја предводи Министерството за внатрешни работи, а во неа учествуваат и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Дирекцијата за заштита и спасување, Управата за финансиска полиција и општините преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

Според податоците што ги изнесе Ристески, од 23 легално издадени лиценци за ноќни клубови, кабареа и дискотеки, дури 13 не ги задоволувале пријавените минимални технички услови. Само 10 објекти имале активна лиценца и ги исполнувале сите потребни барања. За шест од објектите кои не ги исполнувале условите, изречена е забрана за вршење дејност, а ДПИ доставил барање до Министерството за економија и труд за одземање на лиценците и изрекување парична казна. При контролите на останатите угостителски субјекти, досега се изречени казни во вкупен износ од 3,5 милиони денари поради неисполнување на минималните технички услови.