МакедонијаСиндикат

Ристески: Повеќе синдикати, подобар социјален дијалог и во корист на работниците

Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески, очекува наскоро да бидат донесени законските измени за репрезентативноста на синдикатите и да започне со работа Економско-социјалниот совет.

Како што изјави денеска, одговарајќи на новинарско прашање, постои значителен застој и добро би било синдикатите и работодавачите самостојно да се договараат околу висината на минималната плата, наместо, како што е случај во Србија, одлуката да ја носи Владата.

Според Ристески, зголемениот број синдикати би придонел за подобар социјален дијалог во интерес на работниците.

„По наш предлог, дел од пратениците предложија закон по скратена постапка со кој репрезентативниот праг за синдикатите ќе се намали од 10 на 5 проценти. На тој начин, ќе се вклучат повеќе синдикати во процесите. Овој чекор од Владата е добар, и очекуваме измените наскоро да бидат усвоени во Собранието. Се надевам дека тоа ќе се случи оваа недела, и ќе се види кои синдикати се репрезентативни“, истакна Ристески по потпишувањето на Меѓународниот договор за деловна соработка со Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништво од Република Србија.

Тој потсети дека законски, синдикатите и работодавачите треба да постигнат заеднички договор.

„Се надевам дека со вклучување на повеќе синдикати ќе се создаде поинаква атмосфера и конечно ќе се донесе минимална плата која ќе ги задоволува реалните потреби. Потребно е да се настапи со аргументи и факти“, додаде тој.

Ристески најави дека КСОМ ќе побара и побрзо донесување на Законот за работни односи, со посебен акцент на регулирањето на времените вработувања кои траат и до пет години.

„Апелираме и до Владата да изврши малку поголем притисок врз работодавачите за побрзо донесување на Законот за работни односи, со цел работникот да добие постојан работен однос и тука да ја гледа својата иднина“, изјави Ристески.

На прашањето како ја гледа дебатата во Собранието за Економско-социјалниот совет, Ристески одговори дека најпрво треба да се формира советот, во кој ќе бидат вклучени повеќе синдикати.

„Кога ќе дојде моментот за одлучување за зголемување на минималната плата или носење на закони во интерес на работниците, тука ќе биде јавноста, медиумите – и тогаш ќе видиме како ќе реагираме. Да не прејудицираме. Ако има повеќе синдикати, ќе има и подобар социјален дијалог во корист на работниците. Видовте каде нè доведе практиката со еден синдикат во последниве 30 години – еден синдикат е подложен на политички притисоци, од кои корист има само потесното раководство“, потенцира Ристески.

Претставникот на Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништво од Република Србија, Синиша Костиќ, истакна дека минималната плата во Србија во моментов изнесува 55.500 динари, односно околу 480 евра.

Тој појасни дека според системот во Србија, за висината на минималната плата треба да преговараат Владата, Унијата на работодавачи и синдикатите, но во пракса Владата ја носи одлуката кога овие страни не можат да постигнат договор.

„Минималната плата значително порасна во последните 15 години, но потрошувачката кошничка денес Србија изнесува околу 65.000 динари“, додаде Костиќ.