САДУ до Манчевски: Јавниот сектор го држите под притисок
Синдикатот на администрација и државна управа – САДУ при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС испрати отворено писмо до Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски коешто ви го прикажуваме интегрално:
Почитуван Министер,
Во многу наврати изминативе две години низ официјални состаноци разговаравме за моменти во кои не се согласуваме.
Немајќи разбирање од Вас се одлучивме да ја информираме целокупната јавност во Македонија за да ја дознае вистината и Вашиот неискрен, манипулативен однос спрема сите вработени во јавниот сектор.
Имено, ветувавте две години дека ќе ги вклучите синдикатите во функционалните анализи.
За функционалните анализи е направена методологија преку европски проект со европски средства, но сега негирате и сето тоа го спроведувате преку обични аналитички листови како анкети каде давате можност на именуваните и избраните лица од ваша страна да направат политичка чистка и да го клекнат јавниот сектор на колена. Само не ни е јасно кого сега излажавте, нас или Европската унија.
Едно е јасно, дека го држите јавниот сектор под притисок.
Почитуван Министер,
Целиот јавен сектор е на доволно високо интелектуално ниво за да можете да си земете за право да не уценувате и манипулирате, па затоа Ви кажуваме и Ве предупредуваме да ги остварите и реализирате вашите ветувања, во спротивно доколку со вашите квази-синдикалци, кои веќе се препознаени од целиот јавен сектор, се обидете да направите упад и не ги спроведете вашите јавно дадени ветувања, ние длабоко ќе се радикализираме за што верувајте само Вие ќе бидете виновни за таквите дејствија во предизборен период.
Затоа час поскоро повлечете се од Вашата нечесна игра и низ конструктивен и фер социјален дијалог и партнерство со сите релевантни фактори, за што зборувате во изминативе години, да изнајдеме конструктивно решение прифатливо за сите.
И на крај да Ве запрашаме дали овие секојдневни огласи и вработувања во јавниот сектор ќе бидат предмет на функционалната анализа или пак тие, затоа што се со предзнак непотизам се исклучени од секоја анализа или отказ како што се уценуваат другите вработени во јавниот сектор, а некои си квази-синдикалци за лични интереси го одобруваат сето ТОА.