Сакате да ја добиете работата од соништата? Никако не ги поставувајте овие прашања на разговор за работа
Разговорите за работа се клучен дел од процесот на вработување бидејќи им овозможуваат на кандидатите да ги покажат своите вештини и да ја освојат посакуваната работна позиција. Иако често кандидатите посветуваат големо внимание на тоа како ќе се претстават и како ќе одговараат на прашањата, многумина ја потценуваат важноста на прашањата што тие самите треба да му ги постават на работодавачот.
Поставувањето промислени прашања може да остави позитивен впечаток, но поставувањето погрешни прашања може да предизвика сомнеж во вашата подготвеност, професионализам и вистински интерес за позицијата. На пример, иако е природно да бидете љубопитни за финансиската состојба на компанијата, грубо прашање како „Слушнав дека минатата година имавте загуби, колку точно пари изгубивте?“ може да делува наметливо и несоодветно.
За да оставите најдобар можен впечаток, еве четири прашања кои треба да ги избегнувате за време на разговорот за работа:
Прашање 1: Со што се занимава оваа компанија?
Ова прашање покажува дека не сте се подготвиле доволно. Работодавачите очекуваат да ја истражите компанијата пред разговорот – нејзините вредности, мисија и најнови достигнувања. Со вакво прашање оставате впечаток дека не сте сериозно заинтересирани за организацијата, што може негативно да влијае врз вашиот кандидатски имиџ. Наместо тоа, вашата информираност можете да ја прикажете со прашање како: „Забележав дека неодамна го проширивте бизнисот на глобални пазари. Можете ли да ми кажете како тоа ќе влијае на тимот во кој би работел?“
Прашање 2: Колкава ќе ми биде платата и бенефициите?
Иако надоместокот е важен фактор при донесување на одлука за прифаќање на работата, прераното поставување на ова прашање може да остави впечаток дека сте повеќе заинтересирани за платата отколку за професионалниот развој. Работодавачите сакаат да ја видат вашата страст кон работата и интересот за можноста да бидете дел од нивната фирма. Професионално формулирано прашање би изгледало вака: „Можете ли да ми кажете нешто повеќе за структурата на компензација за почетни позиции и можностите за професионален развој?“
Прашање 3: Кога можам да земам слободни денови?
Ова е уште едно прашање што не е препорачливо да се поставува на почетокот на разговорот. Прашувањето за слободни денови може да остави впечаток дека веќе планирате отсуства, дури и пред да започнете со работа, што може да ја доведе во прашање вашата посветеност. Наместо тоа, подоцна во процесот прашајте: „Можете ли да ми кажете нешто повеќе за политиката за годишен одмор и културата на баланс помеѓу работниот и приватниот живот во вашата компанија?“
Прашање 4: Колку строго го следите работното време?
Ова прашање може да покаже дека не сте дисциплинирани и дека барате начин да ги избегнете обврските. Работодавачите сакаат луѓе кои знаат добро да го организираат своето време. Ако ве интересира балансот меѓу работата и приватниот живот, поставете го прашањето внимателно: „Како вашата компанија го поттикнува балансот помеѓу приватниот живот и продуктивноста на работа?“ Таков пристап ја покажува вашата посветеност и интерес за здрав работен амбиент.
Извор: BIZlife
- Независниот синдикат на полицијата денеска излегува на протест, бараат да се почитува Законот за минимална плата - 12/05/2025
- Швајцарската компанија „Ронтис“ ќе инвестира во Македонија – ќе вработи 500 лица - 12/05/2025
- СПМ зеде учество во панихидата по повод десетгодишнината од настаните во Диво Насеље - 09/05/2025