Светот на работникот

Ако користите „корпоративен јазик“, можеби сте полоши во работата отколку што мислите

Ако некогаш сте седеле на состанок и сте слушале за „синергија“, „скалабилни решенија“ и „оптимизација на ресурси“ – постои голема шанса тоа или да ве нервирало… или да ве импресионирало. Ако спаѓате во оваа втора група, новите истражувања не ви одат во прилог.

Според студијата за која пишува The Guardian, вработените кои се најмногу воодушевени од т.н. „corporate speak“, односно корпоративниот жаргон полн со празни фрази, често носат полоши деловни одлуки.

Што е всушност „корпоративен bullshit“?

Истражувачите го дефинираат како јазик кој звучи паметно и важно – но во суштина е празен. Тоа се реченици кои делуваат импресивно, но не кажуваат ништо конкретно.

Шокантен наод од истражувањето: колку повеќе го користиш овој жаргон – толку полошо одлучуваш

Во студијата учествувале околу 1.000 вработени. Тие добиле комбинација од реални деловни изјави и целосно измислени „buzzword“ реченици. Задачата била да проценат колку тие изјави се „паметни“.

Резултатот? Оние кои најмногу го ценеле ваквиот јазик имале послаби резултати во аналитичкото размислување и донесувањето одлуки. Со други зборови – колку повеќе „паѓате“ на фрази, толку помалку сте ефикасни во реални деловни ситуации.

Но, еве го парадоксот… Истите тие луѓе почесто ги гледаат своите шефови како „харизматични“ и „визионерски“ и се позадоволни од својата работа. Значи – корпоративниот жаргон можеби не води до подобри резултати, но создава чувство дека сè е под контрола.

Зошто се случува ова?

Таквиот јазик ги погодува нашите психолошки слабости – звучи стручно и комплексно, дава илузија на знаење, ја маскира несигурноста или недостатокот на конкретни одговори. И што е најважно – често се користи за да импресионира, а не за да објасни.

Можеби најважниот заклучок од истражувањето е дека ова нема врска со интелигенцијата. Во студијата учествувале образовани луѓе од областа на финансиите, човечките ресурси (HR) и маркетингот – и сите се подложни на овој ефект. Со други зборови – никој не е имун.

Зошто ова е опасно за компаниите

Кога една организација наградува „убаво спакувани зборови“ наместо јасно размислување:

  • Лошите одлуки поминуваат незабележано;
  • Проблемите се замаглуваат наместо да се решаваат;
  • Погрешни луѓе напредуваат во кариерата.

На крајот, компанијата може да добие лидери кои звучат одлично – но водат лошо.

Едноставниот заклучок е дека ако нешто звучи компликувано, не значи дека е паметно. Напротив – често е спротивното. И можеби највредната деловна вештина денес е токму онаа наједноставната: да ги кажете работите јасно, конкретно и без „магла“.

Бидејќи во свет полн со „синергии“ и „пивотирања“ – јасноста станува конкурентска предност.

Извор: BIZlife.rs