Занимливости

Златната ера на мини-сериите: Го освоија пазарот, а дали ќе опстанат?

На доделувањето на наградите Еми во 2019 година, актерите Бил Хејдер и Фиби Волер-Бриџ ја врачија наградата за најдобра споредна машка улога во мини-серија. Во својот вовед, Хејдер го опиша форматот како „откажана ТВ серија“. Иако шегата беше симпатична, таа ја немаше силата што би ја имала неколку години претходно. Ограничената серија, позната како мини-серија, повеќе не е на работ на телевизијата – денес таа зазема централно место.

Од „The Queen’s Gambit“ до „Chernobyl“, ограничените серии доживуваат неверојатен пораст на популарноста, особено во годините по пандемијата, пишува The Boar. Во ерата на презаситеност со содржини, каде безброј стриминг сервиси нудат огромен избор, публиката сè повеќе се свртува кон кратки, заокружени приказни. Златното доба на долготрајните хитови како „Breaking Bad“ или „Game of Thrones“ изгледа дека бледнее, бидејќи емитувачите го препознаваат сè поголемиот апетит на гледачите за мини-серии.

Која е тајната на успехот?

Додека сериите со повеќе сезони често започнуваат добро, а потоа го губат моментумот додека приказната се одолговлекува преку секоја мера, а филмовите се обидуваат да натрупаат премногу акција во два часа, ограничените серии постигнуваат совршена рамнотежа. Токму таа подготвеност приказната да се раскаже во целина, без страв од ненадејно откажување, е еден од најпривлечните аспекти на овој формат.

Отсуството на долгорочни договори овозможува и привлекување на најголемите актерски имиња кои не сакаат да се обврзат на пет или повеќе сезони, што на серијата ѝ дава „холивудско чувство“. Актерката и сценаристка Никол Терман тоа го сумираше велејќи: „Продуцентите се трудат нешто да стои само за себе; тие се во фазон – имаме шест епизоди да кажеме сè што сакаме. Во другите емисии, тие не размислуваат за квалитетот, туку за квантитетот.“

Нетфликс и другите сервиси исто така го поддржуваат овој формат бидејќи висококвалитетните наслови се истакнуваат во морето содржини. Кога барате што следно да гледате, лицето на ѕвезда од А-листата како Ања Тејлор-Џој на насловната слика сигурно ќе привлече кликови. Високиот квалитет на продукција ги прави овие серии омилени и во сезоната на награди.

Форматот на „спакувана“ приказна, со поголем буџет и познати актери, е привлечен и за авторите на книги кои бараат верна адаптација на своите дела, што пак доведува до зголемување на продажбата на книгите.

Адаптацијата на романот „Normal People“ и понатаму е една од омилените мини-серии на многумина, заедно со потресната приказна „I May Destroy You“ за закрепнувањето од трауматичен сексуален напад. Двете серии ги водат гледачите на незаборавно емотивно патување со беспрекорни актерски изведби.


Оживување на форматот: Како Рајан Марфи сè промени

Како тогаш мини-серијата, некогаш резервирана за сериозни историски драми на HBO и префинети британски продукции, стана најпопуларен формат? Коренот на промената, како и на многу други во денешниот медиумски пејзаж, лежи во едно име: Рајан Марфи.

На почетокот на минатата деценија, мини-серијата беше речиси мртов медиум. Во 2009 и 2010 година само две продукции воопшто се квалификуваа за Еми, а категоријата мораше да се спои со ТВ филм за да преживее.

Сè се промени во 2011 година, кога серијата на Марфи „American Horror Story“ дебитираше на FX. Таа стана огромен хит и покажа дека форматот има неискористен потенцијал. Веќе во 2014 година, наградите Еми повторно ги поделија категориите поради приливот на нови серии, вклучувајќи го и идниот хит „Fargo“.

Но, најголемото влијание на Марфи дојде две години подоцна со франшизата „American Crime Story“. Нејзината прва сезона, „The People v. O.J. Simpson“, ја освои Америка и стана културен феномен. Влијанието на Марфи беше зацементирано; мини-серијата, која сега беше преименувана во „ограничена серија“ (limited series) за да се дистанцира од своето застарено минато, се врати на голем стил.

Новиот бран хитови и влијанието врз индустријата

Откако Марфи ја врати мини-серијата во мејнстримот, HBO повторно го презеде водството со хитовите „Big Little Lies“ и „The Night Of“. Двете ја следеа растечката популарност на крими-приказните, но бледнееја во споредба со глобалниот феномен „Chernobyl“.

Таа серија, со помош на фактот дека беше првото големо издание на HBO по „Game of Thrones“, стана една од најфалените серии во 2019 година, а нејзиниот краток формат поттикна многумина да ја испробаат.

„American Horror Story“ доведе до нови антологии како „Fargo“ и „Big Little Lies“, кои го покренаа жанрот „женски мистерии“, па потоа „Sharp Objects“ и „Little Fires Everywhere“. Интересно е што наследниците често ја надминуваа популарноста на своите претходници.


Кога „ограниченото“ ќе престане да биде тоа

Меѓутоа, новата популарност на форматот веќе ги покажува своите негативни страни. Продуцентите сфатија дека ограничената серија може брзо да создаде популарност, па некои проекти ги туркаат во тој формат без вистинска причина. Додека „WandaVision“ совршено се вклопуваше, серијалот „The Falcon and the Winter Soldier“ делуваше како натегнат филм, снимен само како промоција за иден блокбастер.

Уште поголем проблем е трендот „ограничените“ серии всушност и да не се тоа. Огромната популарност на серијата „Big Little Lies“ го наведе HBO да сними втора сезона, која не наиде на добар прием. Неодамна „The White Lotus“, исто така рекламиран како лимитирана серија, беше претворен во антологија со нова сезона. Дури и завршената приказна на „Mare of Easttown“ беше спомената за продолжение по освојувањето на Еми.

Серијата за која многумина сметаат дека не требаше да добие продолжение е „Squid Game“. Нејзиниот автор, Хванг Донг-Хјук, на почетокот не планираше продолжение. Меѓутоа, огромниот успех го натера да ја преиспита одлуката. Се чини дека втората сезона се бори да го оправда своето постоење, повторувајќи ги крвавите возбудувања на првата сезона со намалено влијание.

Овие трендови би можеле да го нарушат она што ги направи ограничените изданија толку моќни. Форсирањето приказни во овој формат и нивното неоправдано ширење ќе ја поткопа довербата на публиката.

Неодамнешните блокбастери беа одлични бидејќи нивните автори го користеа форматот за да раскажат концизна и убедлива приказна. Тие носат помал ризик од серијалите со повеќе сезони и, кога се направени добро, можат да создадат некои од најдобрите телевизиски моменти на 21 век. Дали алчноста на индустријата ќе ја уништи мини-серијата или ова е само почеток на нивната доминација, само времето ќе покаже.

Извор: BIZLife.rs