ЕкономијаСвет

Сѐ повеќе милионери ја избираат Португалија: Луксузниот пазар цвета

Португалија во изминатите неколку години се позиционира како една од најатрактивните европски дестинации за лица со висока нето-вредност. Благодарение на стабилната економска средина, поволната клима, безбедноста и развиениот пазар на недвижности, бројот на луѓе со богатство поголемо од 25 милиони евра бележи силен раст.

Според анализата на британската консултантска компанија „Knight Frank“, до крајот на 2026 година во Португалија ќе живеат околу 2.200 ултрабогати лица, што претставува раст од речиси 50 проценти во споредба со 2021 година.

Експертите оценуваат дека голем дел од новите милионери пристигнале од странство, привлечени од високиот квалитет на живот, добрата инфраструктура и инвестициските можности. Иако програмите како „златната виза“ и даночните олеснувања за нови жители беа изменети и значително ограничени, интересот за преселба во Португалија останува висок.

Покрај странските инвеститори, расте и бројот на домашни претприемачи кои создаваат значително богатство преку продажба на компании. Банкарски аналитичари посочуваат дека особено по пандемијата многу сопственици на успешни бизниси ги продале своите фирми на меѓународни инвестициски фондови или големи корпорации, со што стекнале десетици милиони евра.

Најголем интерес има за секторите поврзани со технологија, туризам, индустрија и услуги, а сè почести се и аквизициите на традиционални семејни компании од текстилната, прехранбената и дрвната индустрија.

Дополнителен поттик за економијата донесоа и дигиталните номади, кои по пандемијата избраа да живеат и работат од Португалија. Дел од нив подоцна инвестирале во локални компании, недвижности или основале сопствени бизниси.

Во исто време, луксузниот пазар на недвижности бележи континуиран раст. Најбарани остануваат Лисабон, Кашкаиш, Алгарве и Порто, каде квадратен метар во најлуксузните објекти достигнува и над 11.000 евра. Побарувачката е особено силна кај купувачи од Северна Америка, Бразил, Израел, Турција и земјите од Блискиот Исток.

Во подем е и пазарот на таканаречени брендирани резиденции – ексклузивни станови и вили управувани или поврзани со светски познати хотелски брендови. Португалија моментално е меѓу водечките европски пазари во овој сегмент.

Според проценките, интересот за земјата нема да се намали ниту во наредните години. Аналитичарите предвидуваат дека до 2031 година бројот на лица со богатство поголемо од 25 милиони евра ќе продолжи да расте, потврдувајќи ја позицијата на Португалија како една од најпосакуваните европски дестинации за живот и инвестирање на најбогатите луѓе во светот.