НовостиПравдаСветот на работникот

СВЕДОШТВО на текстилна работничка: Не одјавуваа и пријавуваа кога сакаа, на лекар дознaвме дека немаме осигурување

СВЕДОШТВО на тектилна работничка - Работник
1.61Kviews

Голем дел од вработените во текстилната индустрија се изложени на прекршувања на нивните права од работен однос. Постојат примери на работодавачи од текстилната индустрија кои ги почитуваат работничките права, но се помалку во однос на тие кои ги прекршуваат.

Ретко кој/а вработена/а има смелост да излезе во јавност и да раскаже за своите проблеми на работното место. Оние кои сакаат да ги изнесат своите проблеми во јавност, најчесто сакаат да останат анонимни, бидејќи се плашат нивната страна на приказаната да не ги стави во неволја. 

Порталот Работник контактираше со една поранешна вработена во текстилната фабрика АД „Стоби“ во Велес која поради страв од тоа да не се изврши одмазда врз неа побара од нашата редакција да остане анонимна. Нејзиното име е позанато на редакцијата, но поради тоа што таа сака да остане анонимна, а за да не се нагасува постојано во текот на текстот како текстилна работничка, ќе и го дадеме псевдонимот „Данче“.

Данче, за порталот Работник, вели дека во АД „Стоби“ има работено 22 години, но има само 15 години работен стаж. Истакна дека прекини со работа имале вкупно неколку месеци, нагласувајќи дека додека биле прекините ги одјавувале и ги пријавувале кога сакале или пак ги пријавувале на четири часовно работно време односно 20 часа неделно. 

Посочи дека работеле саботи, недели и празници, а како што вели имало и денови кога оделе прва смена, вечерта трета, а следниот ден втора смена. 

„Кога ќе отидевме на лекар, таму ни велеа дека не сме осигурани. Обично тоа го правеа за време на годишни одмори. Прекини имаше и по еден – два месеци“, вели Данче. 

Од Агенцијата за вработување извадила податоци за историјата на стажот и од таму дознала дека само кај неа имало околу 30 – тина одјави и пријави. 

На прашањето на порталот Работник зошто имале прекини, Данче рече дека причината била за да газдата не им плаќа осигурување. На Данче не и е јасно зошто пак ги пријавувале на четири работни часа, па тоа прашање останува отворено. Таа наведе дека се случувало да работат и по десет часа, прекувремено, но не земале никаков додаток за прекувремена работа.

„За време на празници, апартот за верификација на картичките не работеше. На него беше залепена хартија со натписот ‘не работи’, за да не се куцаме. Земавме иста дневница кога работевме на празник, а платата беше помала и од минималната. Ако минималната плата изнесуваше 12,500, земавме по 11,000 и нешто, со тоа што земавме 1,000 денари за редовно доаѓање на работното место“, вели Данче.

Таа посочи дека регресот за годишен одмор, газдата им го давал на два пати и тоа по 8,000 денари, а К-15 изнесува минимално 9,610 денари. Потенцираше дека на 31 декември 2019 година, газдата на конфекцијата им исплатил само 100 денари К -15.

Данче истакна дека газдата на конфекцијата без никаква најава ги бркал работниците од работа, под изговор дека ќе потпишеле нови спогодбени договори со работниците.

Вели дека околу 70 вработени имале решенија на неопределно работно време. Таа посочи дека на а 1 ноември минатата година ги одјавиле „спогодбено“. Според нејзината изјава, газдата им рекол дека тоа било за нивно добро, бидејќи со тоа ќе можеле да земат надоместок од Агенцијата за вработување. Како што вели, на 5 ноември тие биле отпуштени од работа.

Од Левица на 12 ноември 2019 година во соопштение за јавноста истакнаа дека поднеле пријава до Државниот инспекторат за труд против велешката конфекција Стоби, откако неколку работници алармирале до нив дека директорот Сашко Крстевски заштитен од сите институции спроведува невидено самоволие и закани спрема работниците.

„Двеста педесет работници ќе останат на улица без отпремнина, без здравствено осигурување и сите права кои законски им следуваат, додека трудовиот инспектор од Велес кој очигледно го штити газдата на конфекцијата, не успеал да утврди никакви прекршувања“, стои во тогашното соопштение на Левица. 

Имено, од политичката партија им обезбедуваат правна помош на отпуштените работници, но нивната постапка е сеуште заглавена во судскиот лавиринт.

Порталот Работник го контактираше и координатрот на Трудовиот сектор на Левица, Бобан Кочовски кој истакна дека pостапката којашто Левица ја започна за избрканите текстилни работници од велешката конфекција АД „Стоби“ се однесувала на неколку клучни основи кои што самите работници ги истакнале на состанокот со него, уште пред една година.

„Имено, се работи за доделување на отказни решенија на над 250 работници коишто дел биле вработени на определено време, дел на неопределено време, а некои од нив својот отказ го добиле за време на боледување“, вели Кочовски.

Тој вели дека на некои од работниците им биле правени пријави и одјави од работниот однос, без нивно знаење, поради што голем дел од нив имаат дупки во работниот стаж, некаде по неколку месеци, но во некои ситуации недостасуваат и над 10 години работен стаж.

Посочи дека работодавецот кај некои од работниците самиот склучил спогодбени раскини со намера да ги изигра своите вработени, но тоа поминало неуспешно.

„Неретко не биле исплаќани платите и надоместоците согласно Законот за работни односи – ЗРО, при што самите вработени биле присилени да потпишуваат бланко листови каде што тие тоа го “легализирале“ и “оправдувале“. К-15 скоро па никогаш не бил исплаќан на овие работници, а дрскоста на работодавачот се покажала на дело минатата година каде што им исплатил ДУРИ 100 денари по овој основ. Оние работници кои што добивале испратнини биле проследени со членови на менаџментот на АД „Стоби“ кои што присилно ги одземале парите доделени на работниците по основ испратнина отакако работниците ги подигнувале парите од банките“, вели Кочовски. 

На ова можеме уште да ги додадеме лошите услови за работа, немањето соодветно греење во работните простории, односно ладење, разните мобинзи кои што овие луѓе ги трпеле од страна на сопственикот и менаџментот низ годините кои што ги посветиле во оваа конфекција и останати дејствија кои што се спротивни на законите во Република Македонија. Вработените во неколку наврати правдата ја барале преку пријавување до Државниот инспекторат за труд, но залудно. Затоа ние како политичка партија решивме да им помогнеме најмногу што можеме, преку поднесување на тужби за заштита на нивните интереси и медиумско експонирање на проблемот, изјави Кочовски. 

Левица постапката ја започнала со над половина од избрканите работници, но поради разно разни причини некои од нив се повлекле од самата постапка. Дел поради страв од реваншизам на работодавецот, дел поради влијанија од останати политички партии и “невладини“ организации, а дел сметаа дека не е во нивен интерес да бидат застапувани групно, па започнаа индивидуални судски постапки, подвлече Кочовски. 

„Точна бројка не би знаел да кажам бидејќи тоа се информации кои што ги има адвокатот кој што ја води постапката, но во секој случај бројката се движи околу 70 или повеќе“, вели Кочовски. 

Истакна дека од постапката очекувааат позитивен исход за работниците.

Помалку од тоа не можеме, па дури би рекол и дека не смееме да бараме. Очекуваме дека сите нивни побарувања ќе бидат прифатени пред надлежниот суд и сите тие ќе го добијат она кое што им следува, како плати, придонеси, К-15, стажот, како и кривично гонење на работодавецот и менаџментот на конфекцијата. Отежнувачка околност е неажурноста на правосудниот систем кој што оваа постапка ја пролонгира веќе подолго време, да се потсетиме, постапката започна пред 1 година, а сеуште практично тапкаме во место поради бавноста на јавните обвинители и судовите. Но, и покрај тоа, верувам во способностите на Левица и адвокатот кој што ги застапува избрканите работници од АД „Стоби“ и сум уверен дека правдата ќе биде задоволена, заклучи Кочовски. 

Имено, причината за отказите на работниците била отказ од деловни причини, односно технолошки вишок. Законот за работни односи во тој случај му наложува на работодавецот дека не смее да се вработи други работници две години, согласно член 96, став 3 од ЗРО.

Но, според информациите на порталот Работник, АД „Стоби“ вработиле други работници, но и тие ги имале истите проблеми како избрканите работници, со тоа што на дел од вработените не им биле дадени договори за вработување и работеле на црно.

Во моментов, според нашите информации, АД „Стоби“ има околу 30 работници. 

Бобан Илијевски