НовостиСветот на работникот

СЕЗОНСКАТА РАБОТА СЕ ПРЕТВОРА ВО ПОСТОЈАНА: Дел од македонските работници кои одат во Хрватска, остануваат да работат во државата на неопределено

   Време за читање 4 минути

Некои од македонските сезонски работници кои заминуваат да работат во Хрватска, таму остануваат на постојана работа, а и пројавуваат желба да станат државјани на Република Хрватска и да останат таму до крајот на својот работен век.

Според Сашко Папулев, потпретседател на Синдикатот за угостителство и туризам, ова е поразително за македонските работодавачи од угостителскиот сектор и за државата, воопшто.

Сашко Папулев – потпретседател на Синдикатот за угостителство и туризам

Грубите проценки се дека околу 20 % од нашите членови (работници) кои работат сезонски веќе три години во Хрватска, им е понудено да работат во текот на целата година. Имаме луѓе кои добија договори на неопределено време и ќе останат таму, имаме и такви што добија можност да работат на по една година и ќе им ги продолжуваат договорите, што значи дека и тие ќе останат таму, изјави Папулев и додаде:

Следно што нашите членови ни го поставија како прашање е да ги информираме за тоа како можат да добијат хрватско државјанство. Тие се среќни што ќе останат таму и веќе се гледаат себеси како хрватски државјани.

Папулев објасни дека идејата на синдикатот кога го склучиле Меморандумот за соработка со Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска за нашите работници да се вработуваат во угостителски компании со кои хрватскиот синдикат има потпишано колективни договори, била да ја кренат свеста на туристичко – угостителските работници.

Да не одат да работат преку секого, туку да одат таму каде што им е загарантирана безбедноста и да сфатат дека е добро да си дел од синдикат и да почувствуваат како е да ги уживаат правата од колективните договори, посочи Папулев.

Инаку, претходната година околу 600 до 800 луѓе биле на презентациите на синдикатот, на кои им објасниле како можат да им помогнат додека работат во Хрватска. Од нив, преку 200 заминале на работа во оваа држава.

Сепак, имајќи предвид дека угостителските работници заминуваат и преку други агенции, бројката е многу поголема. За тоа зборуваат податоците на Хрватскиот Завод за статистика од каде рекоа дека минатата година во Хрватска на работа дошле над 13,000 работници кои во главно работеле во градежништвото и туристичко-угостителскиот сектор. Според нашите сознанија, бројот на градежни работници е за неколку нијанси поголем од тој на угостителски работници кои лани заминале да работат во Хрватска.

Оваа година се очекува бројката на сезонски работници да се зголемува. Како што вели Папулев, тоа се должи на тоа што Македонија продолжува да оди во полоша насока.

Не гледаме дека власта креира нешто што би ги подобрило условите и стандардот за живеење во Македонија и сме многу разочарани од тоа, а би сакале да биде обратно – луѓето да остануваат тука, рече Папулев.

Тој откри дека им се јавуваат луѓе кои се добро ситуирани во Македонија, но бараат излез од државата и го гледаат синдикатот како начин да го направат тоа.

Синдикатот за угостителство и туризам секоја година ги анкетира луѓето коишто ќе дојдат на презентациите за колкава плата би останале во Македонија. Папулев рече дека сѐ уште ги немаат конечните резултати, но според она досега, најголемиот дел велат дека би останале за сума од 60,000 денари.

Платите во Хрватска, во зависност на позицијата и искуството на работникот, се движат од 800 до 1,500 евра.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси