Се повредивте на работното место? – еве колку треба да изнесува отштетата од осигурувањето!

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) воведе минимални износи на исплатени штети за инвалидитет откако увиде дека осигурителните компании исплаќаат различни износи за слични или идентични повреди настанати од несреќен случај – незгода, соопштија денеска од АСО.

– Од почетокот на годинава износите што ќе ги исплаќаат осигурителните компании за повреди кои причиниле инвладититет мора да бидат повисоки или еднакви на минимално утврдените. Оваа новина е регулирана во унифицираната Таблица за определување траен инвалидитет од повреди која важи за сите осигурителни компании. Таблицата е дел од Општите услови за осигурување од несреќен случај – незгода, а важи од почетокот на годинава и е достапна за сите осигуреници – стои во соопштението.

АСО во рамки на активностите за заштита на правата на осигурениците утврди минимални износи (проценти) кои осигурителните компании мора да ги исплатат за траен инвалидитет, кој е покриен со осигурување од несреќен случај – незгода. Преку утврдените минимални износи на обесштетување, за сите видови повреди кои предизвикуваат траен инвалидитет, АСО го подигна нивото на заштита за повеќе од 650.000 осигуреници кои користат осигурување од несреќен случај – незгода.

Осигурувањето од незгода, како што се наведува, е најмасовна доброволна осигурителна класа за која плаќаат стотици илјади граѓани колективно осигурување од незгода во својство на вработени, ученици и деца во градинки.

Таблицата ја изработи АСО во соработка со друштвата за осигурување, а како основа беше користена таблица која била на сила до 2005 година. Во процесот на носење на Таблицата беа користени и искуства од осигурителните пазари во Република Србија, Република Хрватска и Република Словенија.

Воведување на унифицирана Таблица за инвалидитет следуваше откако АСО утврди слабост во функционирање на системот на осигурување во класата на осигурување од несреќен случај (незгода).

извор: novamakedonija.com.mk