Сивата економија е намалена – минималната плата придонела за да истата оди во надолна линија

Finance Think – Институт за економски истражувања и политики го публикуваше истражувањето „Колкава е нашата сива економија? Како клучни економски политики се одразуваат врз неа?“. Целта на истражувањето е да фрли ново светли врз сивата економија, односно да ја процени нејзината големина, тенденции во последните години и да ја стави во контекст на владините политиките кои може да влијаат врз неа.

Во истражувањето е искористен методот на побарувачка на готовина кој претпоставува дека неформалните трансакции се вршат во готовина со цел да се оневозможи трага на институциите.

Според наодите, сивата економија изнесуваше 23.2% од БДП во 2020 година, што е намалување во однос на 31.6% во 2006 година. Најголемите намалувања на неформалната економија се случуваат по воведувањето на рамниот данок (2007 година), за време на финансиската криза (2009 година) и по воведувањето на минималната плата (2012 година). Сепак, особено е забележливо дека од 2013 година, уделот на сивата економија во БДП стагнира, а во пандемиската 2020 дури и благо се влошува поради тоа што формалниот БДП доживеа поголем пад во однос на неформалниот БДП.

Анализата вклучува две групи фактори со потенцијално значење за сивата економија: даночните политики и политиката на минимална плата. Повисоките и скалести даноци ја зголемуваат сивата економија, слично како и поголемиот даночен товар (персонален данок и социјални придонеси) на платите. Од друга страна, поголемиот капацитет за прибирање даноци од страна на даночните власти влијае врз намалување на сивата економија, но ефектот е статистички незначаен. Сепак, земени заедно, ефектот од повисоки даноци со ефектот од капацитетите на даночната управа, укажуваат дека во услови на исцрпен простор за намалување на даночниот товар (со исклучок на парафискалните давачки), каква било потенцијална реформа на директните даноци, првенствено на даноците на трудот, ќе се одрази негативно врз сивата економија доколку не е придружена со зајакнати капацитети на даночните власти за прибирање на даноците и јакнење на даночниот морал на населението.

Воведувањето на минималната плата во 2012 година придонело за намалување на сивата економија, што може да се толкува како формализирање на плати кои претходно (делумно или целосно) се исплаќале во готовина. Но, анализата покажува дека зголемувањето на уделот на минималната во просечната плата стимулира сива економија. Последново веројатно го опфаќа ефектот на деформализација на дел од плаќањата кон работниците со минимална плата кога работодавачот проценува дека таа станува голем товар за компанијата. Спротивен ефект, ефект на намалување на сивата економија, има буџетската поддршка (субвенција) на минималната плата, за која неопходно е да се земат предвид и буџетските импликации и префрлање на товарот врз даночните обврзници. Овој наод укажува дека минималната плата  е неопходно да расте во согласност со продуктивноста на трудот, со паралелно јакнење на капацитетите за спроведување на регулативата во сферата на работните односи.

Генерално, наодите укажуваат дека е неопходно дизајнирање политики за зголемување на продуктивноста на долг рок, и тоа преку создавање и стимулирање домашен конкурентен пазар преку релаксирање на регулативата и либерализација на трговијата, преку зголемување на квалификуваноста на работната сила преку реформирање на образовниот систем, преку насочување на средства кон истражување и развој, и преку зголемување на ефикасноста на јавната администрација за да се намали товарот врз приватниот сектор.

На крајот, анализата ја проценува тежината на одделните фактори, пришто три четвртини од варијацијата на сивата економија во 2020 се должи на факторите сврзани со даночната политика, додека факторите поврзани со минималната плата и растот на формалната економија придонесуваат од третина во 2007 до четвртина во 2020.