Синдикализмот е сила! Или заложништво?
“Само будала би се обидел да ги лиши работниците од правото да се приклучат на синдикатот по нивен избор”.
Dwight D. Eisenhower
Еден убав инспиративен слоган на славниот американски генерал во II Светска Војна, за значењето и силата на синдикалното здружување. Знаете дека подоцна овој славен генерал служеше два мандата на чело на САД. Еден друг славен синдикален лидер, Лех Валенса, кој подоцна исто служеше еден мандат како претседател на Полска, рече „Ние ги држиме нашите глави високо кренати и покрај високата цена што ја плативме, затоа што слободата е бесценета“. Потсетувајќи се на овие зборови денес, не може човек да не се запраша, зошто во Македонија синдикализираноста е толку ниска и зошто луѓето не веруваат во синдикалното движење?! Одговорот ќе го заклучите сами кога ќе го прочитате овој текст до крај.
„Синдикатот е доброволна, самостојна, демократска, независна и непартиска организација на вработените… Синдикатот дејствува врз основа на следниве принципи: – самостојност и независност; – солидарност, взаемност, рамноправност и меѓусебно почитување на сите негови членови; – одговорност на органите и телата на Синдикатот и синдикалните организации, избраните и именуваните синдикални претставници и сите негови членови; – демократско донесување на одлуките на сите нивоа на организираност, – јавност во работењето, и – почитување на Уставот, законите и меѓународните конвенции“. Ова ќе го прочитаме во статутите на сите регистрирани синдикати во Македонија. Но, дали ова во пракса се почитува? Дали работниците во Македонија по своја сопствена волја се зачленуваат во синдикат, но и поважно, дали слободно можат да ја напуштат синдикалната организација кога не се задоволни од работата на синдикатот?
Повод за оваа колумна постои одамна. Не дека оваа тема не заслужува третман па затоа не сме пишувале за оваа појава, туку едноствано сме мислеле дека нашите браќа ќе се поправат. Сме биле наивни. Некои од синдикатите, користејќи ја позицијата на синдикалните претставници, формираа т.н. „директорски“ синдикати, притоа користејќи притисоци и манипулации. Така, при потпишување на одлуката и договорите за работа, на нововработените им се подметнуваат пристапници за членство во синдикатите, без притоа да се објасни што се потпишува. Постапки кои лесно можеме да ги класифицираме под кривичните дела присилба или измама, па дури и несовесно постапување во службата. Секогаш ми излегува пред очи изненаденоста на некои колеги кога ќе слушнат и за првпат ќе станат свесни дека се членови на синдикат.
Но, што се случува кога некој сака да ја напушти синдикалната организација каде не сака да членува, каде мисли дека не му се заштитуваат неговите права, каде станал член со тешка манипулација или присила, и каде на крајот на краиштата не е по сопствена волја. Тоа стана невозможна мисија. Некои од синдикатите безобразно го одбиваат барањето за истапување, со образложение дека работникот земал регрес за годишен одмор согласно гранковиот колективен договор, чиј потписник е замислете токму нивниот синдикат. Иако правото на регрес го користат сите, и оние кои не се членови на синдикат, но и оние кои се членови на други синдикати. На крај, жалосно е сознанието дека за да излезете од синдикат мора да дадете отказ, па никогаш повеќе да не ви текне да станете член на синдикат. Вие сте станале заложник на синдикатот, иако Законот за работни односи и Уставот на РМ го гарантираат правото на слободно стапување и истапување од синдикатите.
Довербата тешко се стекнува, а лесно се губи. За кава слобода на избор станува збор, за какви демократски принципи. Од вакви постапки на синдикатите, трпи синдикализмот и заштитата на правата на работниците, оти нели „раздели па владеј“ е мотото на моќните.
Автор: Стефчо Негриески,
Синдикален претставник во АФПЗРР и член на претседателоството на САДУ – Синдикат на администрација, државна управа и правосудство на Македонија
*Колумната не ги изразува ставовите на редакцијата на порталот Работник
- Веќе се дефинирани производите што ќе бидат опфатени со новогодишната кошничка, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски - 09/11/2024
- Засега нема информација дека цената на струјата ќе се зголеми, вели Мицкоски - 09/11/2024
- Многу луѓе ги избегнуваат овие 5 работни места во Германија бидејќи не се „популарни“, а можете да заработите и до 100.000 евра - 09/11/2024