- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникотСиндикат

Синдикатите бараат минимална плата од 16,000 денари, работодавачите велат не можат да ја исплаќаат оваа сума

Од денеска започнува - Работник
13.5Kviews

Минималната плата, согласно Законот, секоја година во март се усогласува. Таа овојпат ќе се зголеми за скромни 400 денари. Во усогласувањето на минималната плата се земаат: една третина од порастот на просечно исплатената плата,  една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на домашниот бруто производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Синдикатите побараа оваа година Бруто домашниот производ да се изземе како параметар, бидејќи тој забележа пад минатата година и поради истиот нема да може минималната плата да стигне до 16,000 денари, како што бараат синдикатите.

Според податоците на Државниот Завод за статистика, БДП – то во првото тромесечје од 2020 година. изнесувало 0,2 %, во второто забележало голем минус – 12,7 %, во третото падот се намалил на минус 3,3 %, а во четврото изнесувало минус 0, 7 %, со што 2020 година заврши со пад на БДП – то. 

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија Благоја Ралповски, истакна дека побарале од државата да покаже солидарност кон работниците за да минималната плата достигне некое ниво, за да имаат пари да ги задоволат основните потреби. Од страна на Вицепремиерот Битиќи и министерката Шахпаска, посочи дека биле одбиени во ова барање, по што им било укажано дека ќе работат само согласно законот за минимална плата и дека мора сите три параметри да бидат поставени во усогласувањето на минималната плата.

Тој истакна дека популистички се најавува дека ќе има раст на минималната плата, а од друга страна таа ќе порасне само за 400 денари, па оттаму праша – Дали овие 400 денари се доволни за осиромашениот работник.

По него, со реакција излегоа и од Владата од каде рекоа дека неприфатливи се барањата на Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) Благоја Ралповски, Владата и Министерството за труд и социјална политика да постапуваат спротивно на Законот за минимална плата, нагласувајќи дека обвинувањата на КСС се несериозни и неосновани.

Институциите се должни да го почитуваат и доследно да го спроведуваат законот, затоа што само на тој начин граѓаните и работниците ќе бидат заштитени и нема да се соочуваат со неизвесност, потенцираа од Владата.

И од Сојузот на синдикатите на Македонија го поддржаа барањето на КСС  минималната плата да изнесува над 16,000 денари, нагласувајќи дека во ек на пандемија на еден човек му се потребни 6,000 денари за да може да купи витамини и лекарства. 

„Од овие причини апелираме минималецот да се зголеми во висина од 60 проценти од просечната плата и истата да не изнесува помалку од 16. 976 денари. Дополнително потсетуваме дека зголемувањето на минималецот треба да значи и спирално зголемување на останатите плати во сите сектори и дејности и потсетуваме дека не е законски работодавачи да исплаќаат минимална плата, доколку работникот има минат труд, работи прекувремено, за празници или во смени“, рече Дарко Димовски претседател на ССМ.

Од друга страна работодавачите велат дека барањата на синдикатите да се изземе растот на БДП – то од усогласувањето на минималната плата не се логични, кога економијата бележи пад, а да се земат во предвид кога расте економијата.

Ангел Димитров, Претседател на Ортанизацијата на работодавачи на Македонија вели дека Законот е јасен и дека треба да се почитува, се додека не се промени, бидејќи, според неговите зборови, ако се изземе овој критериум треба да се измени и Законот за минимална плата. 

Вели дека пресметките говарат дека зголемувањето треба да изнесува 1,7 % и истото нема да придонесе да се отпуштаат работници, нагласувајќи дека дел од комапниите се соочуваат со намален обем на работа и големи трошоци.

Димитров се повика и на секторите на економијата кои беа најпогодени од пандемијата од Ковид – 19 и едвај преживејаа со државната помош. Неговата прогноза е дека доколку состојбата не се промени, може да има дополнително затворање на одредени компании, а со тоа и поголем број на отпуштени работници. 

Експертите сметаат дека треба да се внимава со зголемувањето на износот на минималната плата, бидејќи се уште не се знае како пандемијата ќе влијае врз економијата и кои ќе бидат крајните последици врз неа. 

Владата се уште нема донесено конечна одлука за тоа колкав ќе биде износот на минималната плата. 

Сегашната минимална плата, со последното усогласување минатата година изнесува 14,955 денари. 

Бобан Илијвски