МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Синдикатот на УПОЗ е против мерката за исплата на минимална плата

Синдикатот на УПОЗ - Работник
134views

Денес Синдикатот на УПОЗ писмено се обрати до Владата на РСМ и Министерството за информатичко општество и администрација кое ви го пренесуваме во целост:

“Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија  (УПОЗ), како репрезентативен Синдикат  свесен за моментот во кој се наоѓа земјата и потребите од единство, солидарност, меѓусебно помагање и одговорност на сите граѓани, денес се обрати со барање до Владата на Р. С. Македонија во врска со предлогот изнесен од претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) г- динот Зоран Заев.

Синдикатот на УПОЗ смета дека предложената мерка во делот на платите е дискриминаторска бидејќи јавната администрација и јавниот сектор се ставаат во понеповолна положба во однос на другите вработени. Предложената мерка за исплаќање на минимална плата за месеците април и мај за јавната администрација сметаме дека не е добро осмислена и таа остава само привид на некаква лажна солидарност. Доколку Владата го прифати овој предлог, значително ќе биде загрозена егзистенцијата на илјадници вработени во јавната администрација чии плати и онака се под просечната плата во државата.

Точно е дека финансискиот товар од кризата треба да го поделиме сите, ама тоа не значи дека целиот цех треба да го платат работниците и сиромашните, а олигарсите, бизнисмените, богаташите и големите компании да останат поштедени.

Доколку Владата смета дека и јавната администрација и јавниот сектор треба да понесат дел од товарот во кризата, сметаме дека има поприфатливи решенија и варијанти со кои ќе се покаже поголема солидарност спрема вработените, но никако минимална плата за сите категории вработени.

Јавната администрација е постојано на удар, а сепак тие се луѓе кои чесно ја заработуваат својата плата, огромен број од нив едвај врзуваат крај со крај и живеат на рати и кредити. Со оглед на тоа што над 75% од јавната администрација имаат плати пониски од државниот просек и во нормални услови едвај преживуваат, Синдикатот на УПОЗ предлага да не се задира во ниту една плата која е под републичкиот просек.

Синдикатот на УПОЗ укажува дека при донесување на одлуката, Владата мора да има во предвид и некои други показатели, дека со исплата на минималната плата особено ќе бидат погодени самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработените кои живат под кирија и оние кои се единствени вработени во нивните семејства.

За Синдикатот на УПОЗ предлогот за исплата на минимална плата е неприфатлив и од аспект што не е земено во предвид работењето на Царинската управа, Управата за јавни приходи, инспекциските служби, пожарникарите, судовите и судската полиција кои и покрај сите препораки за скратувањето на работното време и работа од дома, работат со полно работно време, секојдневно се на терен без заштитна опрема и ги извршуваат своите работни задачи.”