Си биле Македонец и Непалец во фабрика во Германија…
Очајни за работници, газдите се надеваат дека увозот на работна сила ќе им помогне да се справат со кризата, која во најголем дел, самите ја создадоа. Никој не ги тераше, кога невработеноста беше 30 %, да им велат на работниците: „Ако не ви одговараат овие услови, ќе најдам друг“. Самите си го наместија креветот, епа сега нека спијат во него.
Да играа малку попаметно и постратешки, сега овој проблем немаше да биде толку голем, но тие едноставно мораа да бидат газди во вистинската смисла на зборот. Јас тој збор го мразам – преферирам да ги нарекувам работодавачи, но кога работниците ги третираат како робови и потрошена роба, не ми пресостанува друго освен да ги нарекувам газди. Секако, тука не влегуваат оние кои се трудат да ги задржат вработените и кои се држат до позитивните работни пракси.
За тоа дека навистина се работи за газди, а не за работодавачи, потврдуваат и оние Непалци кои како оплетени бегаат кога ќе видат во какви услови и за колакви плати треба да работат во Македонија. Ја користат државата за да заминат некаде на запад, каде што одат и нашите.
Замислете ситуација во која Непалец пребеган од Македонија работи во иста фабрика во Германија со некој Македонец кој заминал поради слични причини. Колку е само иронична истата, нели. Од ова може да излезе еден невкусен виц, кој можеби би бил и малку смешен.
Ех газди, газди – до кој степен дојдовте поради вашата гордост и удирање во гради небаре сте семоќни монарси. Не сакавте да го земете предвид фактот дека ќе дојде ден кога ќе се соочите со недостиг на работници. Бевте подготвени да ги потценувате, па и понижувате, а не ви текна дека се‘ има рок на траење. Се надевам дека конечно ќе се опаметите и ќе сфатите колку важен ресурс е работникот.