Слабо ни е колективното преговарање – Епа, така ќе биде кога гледаат на нив како на непријатели
Колективното преговарање во приватниот сектор во Македонија сѐ уште е на ниско ниво. Ова е констатацијата на Европската комисија во Извештајот за 2024 година.
Причината поради која е на толку ниско ниво е што во приватниот сектор имаме мала густина на синдикално организирање, а за да се потпише колективен договор потребно е работниците да формираат синдикат во компанијата. Иако во неколку компании во приватниот сектор има синдикални организации, поголемиот дел од работодавачите сѐ уште се скептични кога станува збор за формирање на синдикат.
Од повеќето разговори коишто ги имав со претставници од Синдикатот за угостителство и туризам, заклучив дека работодавачите во тој сектор не се баш заинтересирани нивните работници да формираат синдикати. На нив, тие гледаат како на непријатели кои ќе им создаваат проблеми, а не како сојузници кои ќе им помагаат да се справуваат со предизвиците. Од синдикатот ми кажаа дека неколку пати во минатото се обидувале да остварат средби со дел од стопанските комори за да разговараат токму за овие работи, но од нивна страна немало интерес.
Работодавачите треба да бидат свесни дека синдикатот не им претставува закана. Напротив, тој може да им помогне да имаат подобра комуникација со вработените. Од друга страна, колективните договори се одличен механизам за дополнително да се уредат правата и обврските на работниците и работодавачите и на тој начин да се избегнат многу незадоволства од двете страни. Впрочем, затоа Меѓународната организација на трудот и Европската конфедерација на синдикати инсистираат на тоа да се склучуваат колективни договори.