Светот на работникот

Слободата на медиумите е директно зависна од социо-економскиот статус на новинарите и медиумските работници

Денеска по повод 3-мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, порталот Работник ја отвора темата за работничките права на новинарите и медиумските работници во Македонија.

Слободата на медиумите е директно поврзана со работничките права, констатира Павле Беловски, Претседател на Самостојниот синдикат на новинари на медиумски работници (ССНМ).

„Без социо-економски обезбедени новинари и медиумски работници не може да има целосно професионално и објективно известување кое е куче чувар на демократијата и го штити јавниот интерес“, вели Беловски.

Работничките права се столб на интегритетот, професионалноста бидејќи само новинари кои не се грижат за сопствената егзистенција, ги уживаат сите работнички права, може да бидат новинари со интегритет и професионално да се занимаваат со својата работа, посочи Беловски.

„Наспроти тоа, нестабилните социо-економски услови, прекаријатската позиција на медиумските професионалци, нестабилните работни места или прекршувањето на нивните работнички права создава клима во која се развива авто-цензура, и простор за економски и други влијанија“, рече Беловски.

Осврнувајќи се на Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници, истакна дека тој се формира преку оценка на пет генерални индикатори – политички, економски, законодавен, социјален и безбедност.

„Оваа година Македонија има пад во три индикатори (политички, социјален и економски) при што кај економскиот индикатор падот е за речиси четири процентни поени, додека кај социјалниот индикатор падот е речиси пет поени. Тоа доволно кажува дека социо-економскиот момент, кој ги вклучува работничките права е многу важен сегмент при градењето на околина во која медиумите и новинарите можат да работат слободно“, рече Беловски.

Каде го лоцирате најголемиот проблем за ситуацијата во која се наоѓаат работничките права и кое е потенцијалното решение?

Нашиот соговорник вели дека не станува збор само за еден проблем, туку постојат низа на проблеми кои се испреплетени. Малиот и сиромашен медиумски пазар, кој е премногу сегментиран, проследен со слаба организираност на самите новинари и медиумски работници е една од алките во тој синџир на проблеми.

„Особено во некои од поголемите приватни медиуми каде што синдикалното организирање е и забрането. Значи самите новинари и медиумски работници ретко, и индивидуално се борат за своите работнички права, а голем дел од нив и не само што не ги знаат своите работнички права туку и често дел од нив не сакаат ниту да ги научат, најчесто со оправдувањето дека не може ништо да се смени“, вели Беловски.  

И покрај сите укажувања, обуки и работилници кои ги нуди ССНМ, работниците многу тешко се мобилизираат. Кај нив постои некој ирационален страв дека ќе го загубат она што го имаат и тој ги спречува да се изборат и да ги добијат правата што им следуваат. Од друга страна, во изминативе неколку години се покажало дека онаму каде што новинарите и медиумските работници се организирани во најголем дел уживаат поголеми права и работат во подобри услови споредено со медиумите каде што нема синдикална организација.

Според Беловски, решението на овој проблем е навидум недостижно, но не и невозможно – а тоа е посериозно здружување и склучување на грански колективен договор со кој ќе се уредат сите важни елементи од работата на новинарите и медиумските работници.

„Ваквиот колективен договор би ги унапредил работничките права кои ги предвидува Законот за работни односи, а притоа би се погрижил и за спецификите на новинарската професија и начинот на кој работат медиумите“, вели Беловски.

Со колективниот договор не би добиле само работниците, посочи Претседателот на ССНМ, туку и работодавачите бидејќи уште попрецизно би се утврдиле правилата на игра и точно би биле определени задачите, одговорностите и обврските на двете страни.

Инаку, овогодишната тема на Светскиот ден на слобода на медиумите е  „Известување во храбриот нов свет – Влијанието на вештачката интелигенција врз слободата на медиумите“. Ваквата тема потсетува на сите предизвици со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници во дигиталниот свет и развојот на технологијата.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk