КолумниНовости

Слободни денови за ментално здравје – На запад реалност, кај нас мисловна именка

   Време за читање 3 минути

Вчера по повод Меѓународниот ден на менталното здравје општата констатација беше дека кај нас многу малку внимание се обрнува на истото, со што во потполност се согласувам. Можеби, не можеби туку навистина доцнам со колумната на оваа тема, но со тоа сакам да покажам дека 10-ти октомври не е единствениот ден на којшто треба да се зборува за менталното здравје. Не дека јас нешто посебно посветувам внимание на темата, на која и тоа како треба да се посветам, но факт е дека сите треба почесто да зборуваме на истата.

Јас тука нема да пишувам општо за менталното здравје, туку ќе се насочам кон она што е мое поле на интерес – работните односи. Во Македонија, за жал сѐ уште нема слободни денови за менталното здравје. Некои од газдите што ќе го читаат ова ќе речат уште такви слободни денови ни фалат и ќе завршиме работа, но факт е дека такви слободни денови и тоа како им се потребни на работниците.

mood 7529903 640
Image by Rosy / Bad Homburg / Germany from Pixabay

Каква е праксата на Запад?

Земјите од Западна Европа сѐ помасовно воведуваат законски одредби со кои им се овозможуваат на работниците слободни денови за менталното здравје или им забрануваат на работодавачите да ги контактираат после работното време. Еве на пример во Португалија, работниците кои работат на далечина имаат законско право да бидат недостапни за своите работодавачи по работното време. Владата на Португалија отишла до таму што забранила прегласни звуци во текот на работниот ден за да им олесни на оние кои работат од дома.

Во Велика Британија, работодавачите се законски обврзани да се грижат за менталното здравје на вработените. Тие во ниеден случај не смеат да ги дискриминираат кандидатите или вработените кои имаат проблеми со менталното здравје. Законот ги обврзува и да спроведуваат проценки на ризик за нивото на стрес на работното место и да преземат дејствија базирани на проценката.

Холандија има опсежни политики за боледувања, а менталното здравје го третира доста сериозно. Оние кои се соочуваат со проблеми со менталното здравје можат да земат слободни денови за да се посветат на себеси. Бројот на слободни денови кои можат да ги земат работниците во Холандија може да достигне до две години, а работодавачите се обврзани да им исплаќаат 70 % од нивните плати.

Ова се само дел од државите кои имаат воведено мерки за заштита на менталното здравје на работниците. Македонија, за жал, е сѐ уште далеку од овие земји во однос на грижата за менталното здравје, па поради тоа би упатил апел до сегашната влада да го земе предвид ова и да започне да воведува политики со кои ќе им помогнат на оние работници кои имаат проблеми со менталното здравје

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера