Работници бетонираат игралиште на екстремно високи температури
Препораките на Владата да не се работи од 11 до 17 часот поради високите температури, изгледа не важат за сите работници, односно не ги почитуваат сите работодавачи.
Имено, Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР објави фејсбук статус со фотографија на која се гледа како работник извршува работни задачи на отворено.
„Додека се тегавиме со препораките за неработа во услови на екстремни температури, оние кои МОРА да работат – си работат. Улица Партеније Зогравски пред драгсторот Лаки. Работниците ги извадија реквизитите од игралиштето и ставија бетон. Веројатно следна етапа е поставување на нови играчки/реквизити… Избори се ближат“, напиша Петковски на фејсбук.
Владата на Р. Македонија ги донесе следните одлуки кои започнаа да важат од 29.07.2021 година:
- Државните органи и јавните претпријатија и установи, да ги почитуваат препораките.
- Во исто време, Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел за заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
- Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од 4 дена, до понатамошно одлучување. Владата и надлежните органи будно ја следат состојбата и доколку има потреба ќе бидат преземени мерки согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, врз населението во Република Македонија.
- Истовремено, работното време градинките треба да го организираат во периодот од 7 до 17 часот. Градинките не треба да практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено после 11 часот.
- Владата зазема став сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници.

