Колкави плати ќе земаат највисоките свештеници во Грција?
Во Службениот весник на Грција се објавени новите плати на највисоките претставници на Православната црква на Грција – архиепископот, митрополитите и епископите. Новата уредба не ги опфаќа обичните парохиски свештеници.
Според атинската телевизија СКАИ, свештениците во Грција имаат статус на државни службеници, па нивните примања се усогласуваат со платите во јавниот сектор.
Согласно новите правила, кои стапија во сила на 1 јули, платите на највисоката црковна хиерархија се врзуваат со месечната бруто-плата на генералниот секретар на Министерството за образование, вера и спорт, која изнесува 5.191 евро.
Поглаварот на Православната црква на Грција, архиепископот Јеронимос, кој ја носи титулата „Архиепископ на Атина и цела Грција“, како и активните и титуларните митрополити, ќе примаат 90 проценти од оваа сума, односно 4.671,90 евра бруто месечно.
За титуларните и помошните епископи е утврдена плата во висина од 70 проценти од платата на митрополитите, што изнесува 3.270,33 евра бруто месечно.
Обичните парохиски свештеници не се опфатени со новото зголемување на платите, што предизвика реакции и незадоволство, како во политичките кругови, така и во рамките на Црквата.
Дополнително, новата регулатива предвидува највисоките црковни претставници, покрај основната плата, повеќе да не добиваат никакви дополнителни финансиски надоместоци.
Тоа значи дека се укинуваат исплатите за службени патувања, јавни настапи, учество во совети, одбори, синодални тела, како и сите други финансиски бенефиции предвидени со претходните прописи. Со тоа, нивните примања ќе бидат фиксни и без дополнителни надоместоци.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис неодамна изјави дека ваквото решение било долгогодишно барање на Грчката православна црква. Според него, платите на митрополитите не треба значително да заостануваат зад примањата на другите високи државни функционери, имајќи ја предвид нивната административна улога.
Од друга страна, критичарите сметаат дека зголемувањето на платите доаѓа во период кога многу домаќинства се соочуваат со зголемени трошоци за живот. Тие укажуваат и дека парохиските свештеници, кои го извршуваат најголемиот дел од секојдневната пастирска работа, не се опфатени со новите покачувања.
Извор: b92.net

