Сменска работа и здравје: Навики во исхраната што треба да ги промените
Консумирањето храна само преку ден би можело да придонесе за заштита на здравјето на срцето кај работниците во смени, покажа ново истражување на научници од Велика Британија и САД.
Научниците од Универзитетот во Саутемптон од Обединетото Кралство и од Мас Џенерал Бригам (Mass General Brigham) од Соединетите Држави велат дека претходните истражувања покажале дека работата во ноќни смени може да резултира со „сериозни“ здравствени ризици за кардиоваскуларниот систем.
Тие изнеле докази според кои нивната студија, објавена во списанието Nature Communications, укажува на тоа дека работниците во смени можат да избегнат некои здравствени ризици ако консумираат храна само преку ден.
Во текот на двонеделен период тимот проучувал 20 здрави и млади учесници во истражувањето. Во тој период испитаниците немале пристап до прозорци ниту до часовници кои би им овозможиле да дознаат каков ефект има циркадијалната неусогласеност врз нивните телесни функции.
За потребите на студијата учесниците морале да останат континуирано будни 32 часа во слабо осветлен простор, одржувајќи идентична положба на телото и секој час консумирајќи идентична мала количина храна.
А по учеството во симулирана ноќна работа од нив било побарано да изберат дали ќе јадат во текот на ноќта, како што тоа го прават повеќето работници кои работат ноќе, или само во текот на денот.
Истражувачите потоа го испитале последователниот ефект од временскиот распоред на консумирање храна врз факторите кои можат да влијаат на кардиоваскуларниот ризик кај учесниците, меѓу кои биле маркерите на автономниот нервен систем, инхибиторот на плазминоген активатор-1 (PAI-1) (кој може да ја зголеми опасноста од формирање на крвни згрутчувања) и крвниот притисок.
Утврдиле дека овие фактори на ризик не ги погодувале оние учесници во истражувањето кои консумирале храна во текот на денот.
Нашето претходно истражување покажа дека циркадијалната неусогласеност – неправилната усогласеност на циклусот на нашето однесување во однос на нашиот внатрешен телесен часовник – ги зголемува кардиоваскуларните фактори на ризик, рече професорот Френк Шир, директор на Програмата за медицинска хронобиологија во болницата Бригам енд Вименс (Brigham and Women’s Hospital).
Сакавме да утврдиме што би можело да се преземе за да се намали овој ризик, а нашето ново истражување укажува на тоа дека таа цел би можел да биде тајмингот на внесување храна во организмот.
Нашата студија ги контролираше сите можни фактори кои би можеле да влијаат на крајниот резултат, така што можеме да кажеме дека ефектот од временскиот распоред на внесување храна е тоа што ги поттикнува ваквите промени кога станува збор за опасностите од развој на кардиоваскуларни болести, рече д-р Сара Челапа, вонредна професорка на Универзитетот во Саутемптон и раководителка на истражувањето.
Извор: zimo.dnevnik.hr
- Неделков: Некои работи не се забораваат така брзо и лесно! - 17/04/2025
- ЛЕГЕНДАТА НА ГЕРМАНСКАТА АВТОИНДУСТРИЈА ОДИ ВО БАНКРОТ: Ги затвараат сите филијали по 92 години работа - 17/04/2025
- КРИМИНАЛНА ШЕМА ВО ХРВАТСКА: Над 100 странци вработени со фалсификувани документи, меѓу нив и Македонци - 17/04/2025