Анализи

СОСТОЈБАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР НА ТРУД И ОЧЕКУВАЊАТА ЗА ДОПОЛНИТЕЛНА РАБОТНА СИЛА ОД ЗАЕДНИЧКИОТ ПАЗАР НА ТРУД

   Време за читање 14 минути

Анализа на Кристијан Кожески, Докторанд на Економскиот факултет прик Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Да се пишува за состојбата на македонскиот пазар на труд, во период кога клучните политички чинители во Македонија ги оптоваруваат граѓаните со политички прашања, и „на големо“ се подготвуваат за претстојните претседателски и парламентарни избори, во најмала рака е, би рекол неактуелно. Но, понекогаш е потребно, дури и препорачливо човек да се тргне од секојдневните политики и да подразмисли за големата слика, овој пат за карактеристиките и очекувањата од заедничкиот пазар на труд во рамките на Отворен Балкан иницијативата.

Започнувајќи од 5-ти март годинава, како резултат на иницијативата Отворен Балкан, работниците од Албанија, Србија и Македонија ќе можат да пристапат кон пазарите на трудот во овие земји, под исти услови како и резидентното население. Со други зборови се воспоставува регионален, заеднички пазар на труд којшто има за цел да ја подобри алокативната ефикасност на пазарот на трудот, да придонесе за подобро искористување на човечкиот капитал, како и да придонесе за зголемување на конкурентноста на земјите од Отворен Балкан. Сепак, треба да се потенцира дека воспоставувањето на заеднички пазар на труд во рамките на иницијативата Отворен Балкан, претставува само формализирање и поедноставување на процесите и трендовите на пазарите на трудот коишто веќе на големо се случуваат. Сведоци сме дека во изминатиот период, одделните економии пронаоѓаат начини за успешна интеграција на странски работници. Дел од работниците од земјите од Западен Балкан, иако во најголем дел сезонски, веќе се интегрирани во соседните земји, особено во дејностите како што се угостителство, туризам, градежништво, особено во  соседните земји Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Италија. Оттука, задничкиот пазар на труд влијаеше само да се забрза ваквата појава, којашто претставува објективна реалност и нужност, доколку се земат предвид економската соработка, но и близината и можноста за зголемена мобилност на трудот помеѓу овие три земји. Сепак, треба да се има предвид дека одделните земји, во заедничкиот пазар на трудот „настапуваат“ со различни перформанси и карактеристики на пазарот на трудот, односно имаат различна „стартна основа“ којашто во голем дел ќе го детерминира степенот на успешност од ваквата регионална интеграција на пазарите на труд.

Во поглед на вработеноста, невработеноста и партиципацијата на пазарот на трудот во Македонија, се констатира дека македонскиот пазар на труд настапува со најниски перформанси, односно забележува стапка на невработеност од 14% што е за 5 и 3 процентни поени повисока од стапката на невработеност во Србија и Албанија, соодветно. Во поглед на стапката на вработеност, Македонија забележува заостанување од околу 8 проценти поени, споредено со пазарите на трудот на Албанија и Србија. Во поглед на партиципацијата на пазарот на трудот, исто така, Македонија бележи најниска стапка на партиципација на пазарот на трудот, што упатува на фактот дека значаен дел од работната сила воопшто не е интегрирана на пазарот на трудот, било како вработени било како баратели на работа. Оттука, несомнено е дека зголемената конкуренција на заедничкиот пазар на труд ќе придонесе за намалување на невработеноста, зголемувањето на партиципацијата на пазарот на трудот, односно активното вклучување работниците кои, до сега од разни причини останувале или надвор од пазарот на трудот или биле интегрирани во рамките на неформалната економија. Сепак, се поставува прашањето, кој ќе „приграби најголем дел од колачот“ во рамките на отворениот пазар на труд, односно дали македонската економија ќе биде во можност да се бори со економијата на Србија и да воспостави рамнотежа на пазарот на трудот. Доколку се земат предвид просечните примања, како еден од економските причини за миграција од една во друга земја, просечно исплатената плата во Србија во декември 2023 е 1 110 ЕУР, во Македонија изнесува 975 ЕУР, додека во Албанија истата изнесува 698 ЕУР, се заклучува дека платите во Србија се далеку поконкурентни во однос на Албанија и Македонија, додека пак македонските плати предничат споредено со оние во Албанија.

1

Проблемот со недостигот на работна сила во земјите од Западен Балкан се повеќе добива на значење, особено во последните неколку години каде што се забележува значаен одлив на младо, работоспособно население. Колку за споредба емпириските истражувања на случајот на Македонија заклучуваат дека емиграцијата на едно младо лице со високо образование, подразбира загуба на, во просек 25 години продуктивна вработеност. Оттука, како резултат на недостигот на работна сила, но и потребата да се обезбеди егзистенцијален приход ги принудува работниците да се вработат на работните места коишто им стојат на располагање. Колку за илустрација околу 129 000 работници во Македонија биле вработени на работни места коишто не одговарале на нивните квалификации, односно работниците располагале со повисоко ниво на квалификации и вештини. Ваквата пропорција на случајот на Србија и Албанија изнесувала 785 000 и 280 000 работници, соодветно. Ваквата состојба на пазарот на трудот подразбира дека овие работници испорачуваат помала додадена вредност во споредба со онаа којашто би можеле да ја создадат на работното место коешто одговара на нивниот степен на образование. Оттука, пазарите на трудот во земјите од Отворен Балкан не покажуваат задоволителен степен на ефикасност во алокацијата на најважниот ресурс на една економија, човечкиот потенцијал. Со други зборови кажано, несовпаѓањето на вештините на работниците со потребните квалификации на работните места водат кон субоптимална алокација на трудот, што доведува до ниски и недоволни стапки на пораст на продуктивноста на трудот. Колку за споредба, доколку, на пример едно лице со завршено високо образование во областа на царината и шпедицијата, во неможност да пронајде соодветно вработување во оваа област се одлучува својата егзистенција да ја обезбеди како туристички водич, или пак да вози такси, ниту во првиот ниту во вториот случај тој нема да биде во состојба да ги понуди своите максимални капацитети и знаења што ги стекнал низ образовниот процес.

Оттука, покрај останатите фактори, несовпаѓањето на вештините и квалификациите на работниците и оние коишто се бараат на работните места, се дел од факторите коишто доведуваат до ниски и незначајни стапки на раст на продуктивноста на трудот. Сумирано, продуктивноста на трудот во Македонија и Србија, во просек е околу 20% од продуктивноста на трудот во ЕУ-27, што подразбира дека просечниот работник во Србија и Македонија произведува околу 1/5 од вредноста што ја креира просечниот работник во ЕУ-27. Што се однесува до продуктивноста на трудот во Албанија истата во 2023 година изнесувала околу 16% од продуктивноста на трудот во ЕУ-27. Вредноста на продуктивноста на трудот во 2023 година во Македонија изнесува 14 373 УСД, во Србија изнесува 15, 508 УСД, Албанија 12 131 УСД, додека вредноста на просечната продуктивност на трудот во ЕУ-27 изнесувала 74 666 УСД. Ваквите вредности за продуктивноста на трудот упатуваат дека во просек, 5 работници од земјите од Отворен Балкан произведуваат колку еден просечен работник во ЕУ-27.

2

Потенцијална работна сила, приватниот сектор треба да лоцира и во вработените во јавниот сектор. Колку и да звучи малку веројатно, трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор има значајни придобивки, како за самите вработени така и за економијата во целост. Самиот факт што Македонија и Србија располагаат со обемен јавен сектор, односно во просек секој 4-ти вработен во овие земји е дел од јавниот сектор, постои значителен простор за ефикасен трансфер на дел од овие работници во приватните компании. Во однос на платите, вработените во јавниот сектор најчесто примаат плати пониски во споредба со работниците во приватниот сектор, што претставува причина повеќе за интеграција на дел од овие работници во приватните компании. Трансферот на работниците од јавниот во приватниот сектор може да придонесе за подобрување на материјалната положба на работниците и нивните семејства, да ја поттикне ефикасноста, иновативноста и инвестициите во приватниот сектор, зголемување на фискалниот капацитет во државниот буџет што дополнително ќе придонесе за подобрување на регионалната конкурентност на овие земји.

3

Во земјите од Отворен Балкан значајно учество бележат младите лица коишто не се вработени, не се дел од образовниот процес (NEETS – Non Employment, Education or Training), што претставува дополнителна, потенцијална работна сила којашто може да биде интегрирана на пазарот на трудот. Со интегрирањето на пазарот на труд на овие лица се искористува човечкиот капитал, како и се влијае врз намалување на економските и социјалните трошоци поврзани со долгорочната невработеност. Во 2022 година во Македонија биле околу 38 500 лица, додека во Србија изнесуваат околу 88 300 млади лица. Согласно последните податоци за Албанија, во 2019 година оваа категорија на млади лица изнесувала 114 700 лица. Она што е важно да се потенцира дека околу 40% од овие лица во Макеоднија се со стекнато високо образование, 33% во Албанија додека во Србија 12%. Ова упатува на фактот дека во случајот на Србија и Македонија значаен дел од младите лица со стекнато високо образование не се вработени ниту пак се вклучени во некоја форма на образование или тренинг. Доколку се земе во предвид фактот дека се работи за млади лица, коишто се карактеризираат со изразена мобилност на трудот, истите може лесно да се интегираат во заедничкиот пазар на трудот во рамките на Отворен Балкан. Успешноста од интегрирањето на пазарот на трудот, како и задржувањето на оваа група на млади работници пред се ќе зависи од степенот на успешност за нивна интеграција во рамките на националниот пазар на труд. Потребата од конкретни мерки и политики за поддршка и олеснување на процесот на вработување на оваа категорија на работници е неминовна за искористување на потенијалот којшто го нудат овие работници.  Од начинот и успешноста при спроведувањето на конкретните мерки за интеграција на пазарот на трудот ќе зависи дали оваа категорија на работници ќе пронајде вработување во рамките на националниот пазар на трудот, ќе премине во категоријата долгорочна невработеност, или пак своето вработување ќе го пронајде надвор од националните граници.

4

Неформалната вработеност е високо распространета во земјите од Отворен Балкан, и истата претставува значителен контингент на работна сила којашто може да биде интегрирана на формалниот пазар на труд. Во 2022 година во Македонија околу 70 000 работници или околу 10% од вкупната вработеност се наоѓа во рамките на неформалниот пазар на труд, додека во Србија неформалната вработеност изнесува 540 000 работници, односно околу 17% од вкупната вработеност. Во Албанија неформалната вработеност во 2019 година изнесувала 737 000 работници, односно околу 57% од вкупната вработеност, што упатува на фактот дека секој втор вработен бил ангажиран во неформалната економија. Оттука, одделните економии имаат голем контингент на работници којшто можат да го интегрираат во формалната економија, со што придобивките од влезот во формалната економија се како на страната на работниците така и на страната на работодавачите но и економијата во целина. Намалувањето на формалната економија ќе придонесе за влез на работна сила во формалниот сектор, подобрување на јавните финансии, зголемување на продуктивноста на трудот, како и зголемена социјална вклученост и остварување на правата согласно трудовото законодавство.

5

Што треба да се очекува од заедничкиот пазар на труд при иницијативата Отворен Балкан?

На крај, иницијативата Отворен Балкан, иако има свои придобивки, сепак  не треба премногу да ни ги зголеми очекувањата дека ќе придонесе за долготрајни и одржливи решенија поврзани со хроничниот недостиг на работна сила. Недостигот на работна сила, како и несовпаѓањето помеѓу квалификациите и карактеристиките на работниците и работните места ќе перзистираат и понатаму.

Придобивките на заедничкиот пазар на трудот треба да се бараат во одредено намалување на јазот во платите (особено во секторие коишто ќе имаат зголемена мобилност на работниците), зголемување и подобрување на ефикасноста во алокацијата на трудот, намалување на невработеноста како и подобрување на партиципацијата на работниците на пазарот на трудот.

На крај, се очекува особено зголемена мобилност на работниците во пограничните градови, особено на границата помеѓу Македонија и Србија. Сепак, останува отворено прашањето, каде би работеле повеќе од работниците, во Ниш или во Куманово? Добитниците и губитниците од овој процес во прв ред ќе зависат од капацитетите на одделните земји да си ги задржат своите работници дома!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *