МакедонијаПравда

Спасовски: Континуирано вложуваме во секундарното и терциерното здравство во интерес на граѓаните и нивното здравје како врвен приоритет

Спасовски: Континуирано - Работник
129views

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска се обрати на иницијалниот состанок на Секторската работна група за здравство, на кој беа разгледани наодите и препораките од проектот „Анализа на ефикасноста на системот за секундарна и терциерна здравствена заштита во Република Северна Македонија“, кој е финансиски поддржан од Европската Унија, а го спроведе конзорциумот „Консеј Сантѐ“.

На состанокот, на кој присуствуваа министерот за здравство Венко Филипче, раководителот на секторот за соработка при Мисијата на Европската Унија во Скопје Никола Бертолини, регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге, претставници на конзорциумот „Консеј Сантѐ“, претставници од меѓународни институции, од граѓанскиот сектор и членови на Секторската работна група за здравство, премиерот Спасовски во воведното обраќање истакна дека овој проект ги потврдува заложбите на Владата на Република Северна Македонија да организира спроведлив и одржлив здравствен систем во сите степени, и систем кој првенствено ја има грижата за здравјето на граѓаните.

„Кога го промовиравме Буџетот за 2020 година, рековме дека тој е посветен на инвестициите во човечкиот капитал. Таа определба дојде од нашата заложба да ги поправиме последиците од стагнацијата во вложувањето на столбовите на човечкиот капитал: здравството, образованието и социјалната политика. Оваа Влада одлучи тоа да го промени. Во оваа насока, во Буџетот за 2020, во функциите здравство, образование и социјална заштита се предвидени вкупно 154 милијарди денари. Тоа е зголемување од повеќе од 10 милијарди денари во споредба со претходниот Буџет“, подвлече премиерот Спасовски.

Тој истакна дека за подобро јавно здравство е неопходно да се вложува во човечкиот капацитет со цел лекарите и здравствените работници да бидат мотивирани за работа и да не размислуваат за заминување во странство.

„Инвестираме првенствено во луѓето, пред сè во младите, за да останат тука да се едуцираат. Дадовме над 5 илјади согласности за вработување за 2 години и нема здравствена установа во земјата, каде бројот на вработени не е зголемен за најмалку 10 отсто. Повеќе лекари, медицински сестри и друг медицински персонал, значи повеќе грижа за граѓаните и поквалитетни здравствени услуги“, посочи претседателот на Владата Спасовски.

Воедно премиерот Спасовски наведе дека кумулативно, заедно со сите зголемувања досега, вклучително и зголемувањата во месец февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40 отсто, на медицинските сестри на клиниките помеѓу 20 и 23 отсто, на општите лекари за 25 отсто и на здравствените соработници за 15 отсто.

Тој соопшти дека е донесена одлука за 15 отсто да се зголеми капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија.

„Вложувањето во здравството, во луѓето и во условите даваат резултати: Од 2016 до оваа година процентот на починати предвремено родени бебиња е намален за нешто повеќе од 50 проценти. Во 2016 година процентот на починати предвремено родени бебиња изнесуваше 25 проценти, во 2017 година стапката се намали на 21 процент, во 2018 падот на процентот на смртноста кај предвремено родените изнесуваше 16 проценти, а во 2019 година статистиката вели дека процентот на починати предвремено родени бебиња изнесува 12 проценти. Во развиените земји речиси сите овие бебиња преживуваат. Нашата намера е Северна Македонија да биде една од тие земји. Имаме причина да веруваме дека сме на добар пат да го постигнеме тоа“, нагласи премиерот Спасовски.

Исто така премиерот Спасовски истакна дека покрај вложувањата во човечкиот капитал, се инвестира и во современа медицинска опрема, а континуирано се подобруваат условите во болниците и се вложува во изградба на нови.

„Одвоивме 1,5 милијарди денари за капитални инвестиции во здравството затоа што мора да инвестираме во пристојни и модерни услови за лекување. Повеќе клиники и оддели во здравствените установи добија значително подобрени услови за работа“, подвлече премиерот Спасовски.

Министерот Филипче во неговото обраќање информираше дека Секторската работна група ја предводи Министерството за здравство и во неа се вклучени претставници од различни државни органи и институции чии надлежности се поврзани со имплементација на политиките за здравството, а по потреба во нејзината работа ќе бидат вклучени и други институции, како и претставници на граѓанскиот сектор.

„Оваа секторската работна група ќе биде местото каде ќе се утврдуваат приоритетите што ќе се финансираат од ЕУ и други донатори, каде ќе се следи нивната имплементација и ќе се остварува координација на целокупната странска помош за развој на секундарна и терциерна здравствена заштита во Република Северна Македонија. На тој начин, достапните средства од разни извори ќе бидат насочени кон поддршка на националните политики“, информираше министерот за здравство Филипче.

Исто така тој истакна дека секторската група имајќи го предвид фактот дека е одговорна за донаторската координација во секторот, таа во нејзината работа ги интегрира и донаторите (ЕУ, билатералните донатори) и меѓународните организации (како агенциите на ОН, Светска банка и др.).

Осврнувајќи се на овој конкретен проект спроведен од конзорциумот „Консеј Сантѐ“, министерот Филипче наведе дека неговата цел е анализа на функционирањето и достапноста на секундарната и терциерната здравствена заштита со цел да се обезбеди висококвалитетен, безбеден и економичен систем на здравствена заштита.

Раководителот на секторот за соработка при Мисијата на ЕУ во Скопје Никола Бертолини во своето обраќање истакна дека работата на оваа група е од исклучително значење и дека преку неа во наредниот период треба да се оцртаат приоритетите за реформа на здравствениот систем во Република Северна Македонија. Тој посочи дека во фокусот на европските политики е човекот и посочи дека ЕУ на овој начин ќе го поддржи јакнењето на здравствените капацитети во нашата земја.

По воведните обраќања започна работниот дел на состанокот, кој го отвори регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге, при што ја поздрави оваа иницијатива и се осврна на значењето на соработката на регионален и глобален план во сферата на здравството.

Извор: Влада