МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

ССКЦ: Неприфатлива е одлуката вработени во јавните здравствени установи во овие моменти да бидат вклучени во избирачки комисии и одбори

Синдикат на клинички центар - Работник
1.1Kviews

Соопштението на Синдикатот на клинички центар ви го пренесуваме интегрално:

Поради информацијата дека во избирачките комисии и одбори ќе бидат вклучени и вработени од здравството до Синдикатот на Клинички центар се обратија голем број членови со барање синдикатот јавно да се произнесе за ова прашање.

За Синдикатот на Клинички центар неприфатлива е одлуката вработени во јавните здравствени установи, вклучително доктори и медицински сестри во овие моменти да бидат вклучени во избирачки комисии и одбори.

Министерот за здравство, поради недостиг и истрошеност на здравствен персонал донесе колеги од другите градови да помогнат во работниот процес во ЈЗУ ГОБ 8-ми Септември – Скопје и ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.

Спротивно на тоа се носи одлука дел од здравствениот персонал од Скопје да биде вклучен во изборниот процес што потенцијално може да придонесе до поголем недостиг на здравствен персонал.

Претседателот на ДИК вели дека „имал разбирање и ги оправдувал здравствените работници, но не било законски да се изврши замена“ и дека како и сите други „ќе морале да поднесат барање за изземање од општинските изборни комисии за да може да се одговори на нивните барања“.

Со неизземањето на здравствените работници од избирачките места и очигледното префрлање на одговорноста, институциите на системот може дополнително да придонесат до непосакуван колапс на здравствениот систем.

Во интерес на граѓаните на нашата држава, Синдикатот на Клинички центар јавно ги повикува надлежните институции да преку системско, а не поединечно решение ги повлечат вработените во здравствените установи од избирачките одбори и комисии.

Во оваа прилика ќе им се обратиме и на партиите за нивните програми во делот за здравство.

Далеку сте од вашите јавно искажани заложби за 100000,00 денари основна нето плата за докторите специјалисти за која званично сите се залагате и велите дека е реална. Далеку сте и од двојното зголемување на платите на медицинските сестри. Другите барања воопшто не ги ни споменувате.

Откако со вакви програми дополнително ќе ги натерате докторите и медицинските сестри да ја напуштат државата ќе имате можност да правите реформи во здравството.

Се друго, очигледно е само декларативно и служи на вашите партиски предизборни потреби и цели.