МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

ССНМ: Онлајн заканите кон новинари зачестени, институциите да реагираат

ССНМ - Работник
181views

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги осудува онлајн нападите и заканите на социјалните мрежи врз колегата Мишко Иванов, како и зачестените напади врз други новинари и новинарки . По тој повод ССНМ апелира до сите новинари и медиумски работници сите овие напади, закани, онлајн малтретирање и слично да ги пријавуваат до органите на прогонот и соодветните институции, иако со жалење констатираме дека МВР овие закани не ги сфаќа сериозно и по нив не постапува според своите законски овластувања . Институциите треба постојано да реагираат и да ги санкционираат ваквите појави бидејќи решавањето на случајот со нападите врз две новинарки од страна на Емил Јакимовски не смее да остане единствен .

Во таа смисла, ССНМ ги повикува сите новинари и медиумски работници, да ги пријавуваат заканите и нападите во Синдикатот, преку пораки на Фејсбук страната или на електронската пошта ssnm.info@gmail.com . ССНМ ќе го документира секој случај и ќе преземе соодветни мерки, инсистирајќи до соодветните институции да ги преземат мерките што им стојат на располагање и истовремено информирајќи ги меѓународните институции за состојбата со нападите врз новинарите .

Состојбата со нападите врз новинарите што професионално и чесно си ја вршат својата работа е неодржлива и таа уште веднаш мора да се смени . ССНМ смета дека нема објективно и професионално новинарство доколку новинарите и медиумските работници работат под притисок на закани и напади . Само со јавен притисок кон институциите, но и јавно обелоденување на оваа појава со цел кревање на свеста на јавноста, како и заедничка реакција, може да придонесе за намалување на нападите, заканите и онлајн малтретирањето на нашите колеги .