- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникот

ССНМ: Пратеникот Апасиев да не шири омраза и нетрпеливост кон новинарите

ССНМ: Пратеникот Апасиев - Работник
171views

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ги осудува навредите, омаловажувањата, етикетирањата и заканите со тужби од претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев насочени кон нашите колешки Габриела Димковиќ-Мишевска и Мери Јордановска од А1он, реагираат од ССНМ. 

„Откако колешката Габриела Димковиќ побарала од Апасиев коментар за потребите за текст поврзан со финансирањето на политичките партии добила непримерни одговори, целосно несоодветни и неприфатливи за јавна личност, која би требало да ги претставува и да ги застапува интересите на сите граѓани во законодавниот дом“, велат од ССНМ.

Понатаму, Апасиев во два наврати на својот Фејсбук профил со омаловажувачки и навредувачки тон се обраќа како кон новинарките, така и кон Здружението на новинари на Македонија, а се заканува и со тужби. Потсетуваме дека релевантните организации како Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари на кои ССНМ е член, заканите со тужби и тужбите кон новинари од поодамна ги означуваат како притисок врз слободата на изразување и на медиумите, посочија од ССНМ. 

„Овие негови написи содржат елементи на говор на омраза и истовремено отвораат простор и поттик за дополнителна омраза кон новинарите и медиумските работници, што пак, многу често може да заврши и со насилство кон нашите колеги“, порачаа од Синдикатот. 

Потсетија дека поттикнување омраза е казниво дело според Кривичниот закон и ги повикаа Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да ги преземат соодветните дејствија. Кога поттикнувањето на говор на омраза доаѓа од јавни личности, кои како во случајов извршуваат една од најзначајните функции во едно демократско општество тежината на искажаниот збор е уште поголема и затоа апелираат ваквите напади кон новинарите и медиумските работници да престанат.

Избраните и именуваните функционери кои добиваат плата од парите на граѓаните мора да внимаваат како комуницираат со јавноста, односно со медиумите, без оглед на тоа дали им се допаѓа или не уредувачката политика на медиумите, подвлекоа од ССНМ.