Правда

СТАВ НА КОЧОВСКИ: Дали Шахпаска и МТСП се обидуваат во скратена постапка да “шверцуваат“ одредби од закони за остварување на партиски цели?

Дали Шахпаска и МТСП- Работник
243views

На 27.10.2020 во Собранието на Република Македонија ќе бидат предложени закони од страна на министерката Шахпаска и МТСП, коишто се однесуваат на менување и дополнување на веќе постоечките Закон за инвалидски организации и Законот за инспекцијата на труд. 

Сомнителен е моментот бидејќи овие закони актуалната власт ќе се обиде да ги донесе по скратена постапка. Официјалниот став на министерката Шахпаска и МТСП е дека се работи за промени кои што не се од суштинско значење, но дали е навистина така?

Ајде да ги разгледаме малку подетално. Да започнеме од Законот за инвалидски организации. Иако навидум во овој случај не постојат големи промени, сепак останува впечатокот дека намерно или не, постои обид да се “истуркаат“ неколку одредби на мошне незабележлив начин, одредби кои што и тоа како можат да имаат значајна улога. Во чл.36 ст.1 се предвидува намалување на казните за сторителите на прекршоците од 5 000 евра, на само 800 до 1000 евра, доколку организациите не пријавуваат финансиски документации, доколку променуваат информации на организациите, доколку не достават годишни извештаи и програми и сл. Иако намалувањето на казните е релативно добра работа, сепак останува фактот дека оваа одредба потенцијално ќе помогне во ширење и зголемување на штетни и противзаконски дејствија, преку кои ќе се врши злоупотреба на самите организации за партиски цели. Во чл.36-а се предвидува можноста сторителите на прекршоците да платат само 50% од изречената глоба, доколку го сторат тоа во рок од 8 дена, а доколку висината на изречената глоба не е изрично предвидена, односно треба да се примени градација, тогаш се предвидува најниската сума. Со ова не само што не се решава проблемот, туку и се мотивира да продолжи “уште повеќе, уште подобро“! Сосема за крај во делот за овој закон, согласно чл.36-б се остава целосна слобода на инспекторите, по сопствено уверување и проценка, да изречат опомена, задолжување, наредба, забрана или друга мерка, при што се остава можност за злоупотреби и манипулации од нивна страна. Ваквите измени не смеат да стапат во сила!

Кога се работи за другиот предлог – закон, нештата стануваат далеку поинтересни. Имено, се брише чл.7 во кој што се бара инспекторите да се легитимираат, што остава недореченост, како тоа лицето кое што работи како инспектор ќе докаже дека тоа е неговата професија при вршењето на својата работа? Како некој сопственик на фирма ќе добие гаранција дека инспекторот ја говори вистината? Сомнително во најмала рака. Она што лично ми остави најголем впечаток дека овие предлози намерно се прцесуираат по скратена постапка е чл.8 од овој закон, кој што се менува со цел да се усогласи со Законот за инспекциски надзор, но никаде не се сретнува потребното искуство за вработување на новите инспектори. Односно, со постоечкиот закон тоа е утврдено на 5 години, а со новите измени оваа одредба треба да исчезне, што остава простор за сомнежи дека намерно се прават вакви пропусти за вработување на лица кои што се далеку од компетенти, а доаѓаат од штабовите на партиите. Како и во претходниот закон, така и овде, плаќањето на глобите е прашање кое што создава повеќе прашања отколку одговори. Иако се воведува градација при казнувањето во зависност од тоа која фирма во која категорија припаѓа, сепак останува фактот дека најголем бенефит ќе имаат големите фирми. Исто и тука, како и во претходниот закон, се остава можност да се исплати половина од глобата доколку тоа се стори во определен рок. Она што се надевам дека е грешка и дека МТСП и Шахпаска не се обидуваат да го “шверцуваат“ е изрекувањето на забрана за вршење професија, дејност или должност на ФИЗИЧКО ЛИЦЕ до ЕДНА ГОДИНА доколку е сторител на прекршок, а истото ќе се примени согласно личното уверување на инспекторите.

Дали е ова обид за легализирање на идни злоупотреби за вршење на политички реваншизам и легална војна со неистомислениците, или пак се работи за нешто трето, останува времето да покаже.

Искрено се надевам дека ваквите во најмала рака сомнителни закони нема да добијат подршка во Собранието на Република Македонија, бидејќи на мала врата со вакви навидум не толку важни законски измени се гради уште посуров режим од веќе постоечкиот. Законите мора да се носат да бидат во интерес на граѓаните, а не во интерес на елитите. Правото мора да биде онаа невидлива сила која што ќе ги креира политиките во Република Македонија, а не политиката да го креира правото.

Став на Бобан Кочовски, Координатор на Трудов сектор на Левица