Статус и права од работен однос на вработените во Министерството за внатрешни работи

Колумна на Адвокат Персида Отовиќ-Стојановска

Во Министерството за внатрешни работи има вработени со различен статус :

– овластени службени лица
– административни службеници
– работници согласно Законот за работни односи.

Посебен дел од вработените со статус на овластените службени лица се полициските службеници кои применуваат полициски овластувања и постапуваат под услови утврдени во Законот за внатрешни работи, Законот за полиција и други прописи. Законот за внатрешни работи(ЗВР) е lex specialis со кој меѓудругото се уредуваат статусот и посебните должности и овластувања на работниците, правата и обврските од работен однос на работниците, материјалната одговорност, односно надоместокот на штета и дисциплинската одговорност на работниците во Министерството. Понатаму со Колективниот договор (КД) на МВР се доуредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварување овие права и обврски. Со ЗВР и КД на МВР се предвидуваат покрај правото на основна плата и додатоци на плата кои се предвидени и со Законот за работни односи како основен закон за сите вработени во РМ ( lex generalis) и други права, надоместоци и зголемувања на основната компонента на плата . Дел од утврдените правата и додатоците на плата се следни:

I.Зголемување на износот на средствата наменети за плата на работниците со статус на овластени службени лица кои вршат стручни работи за 20%, односно на полициските службеници согласно со Законот за полиција за 30%, а поради поради видот, природата и сложеноста на работите што се извршуваат, како и поради тежината на работите и посебните услови под кои тие се извршуваат, е едно од основните компоненти на плата по кои овие вработени се разликуваат од останатите вработени во јавниот сектор.

II.Правото на регрес е предвидено во КД на МВР со една декларативна и ограничувачка одредба согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор РМ во кој КД нема предвидено право на регрес.

III.Предвиден е надоместок во висина на едномесечна нето плата остварена во последниот месец пред распоредувањето, надоместок за патни и селидбени трошоци, обезбедено сместување или стан, седум дена платено отсуство по истекот на три месеци и надоместок на трошоци за превоз заради посета на потесното семејство од кое работникот живее одвоено, а сето ова во случај на распоредување на работникот по потреба на Министерството надвор од местото на неговото живеалиште.

IV. Предвиден е и еднократен паричен надоместок во висина од 100 евра во денарска противвредност, на работничка – мајка, за секое новородено дете, односно еднократен паричен надоместок во висина од 150 евра во денарска противвредност за ментори.

V. Работниот додаток за прекувремена работа, соодветна храна или надоместок на трошоци за исхрана но и правото на бонус во висина од една просечна плата во Републиката се исплаќаат на вработените во МВР кои ќе ги исполнат законските услови утврдени во ЗРО.

Со оглед дека постојат уште многу права од работен однос и додатоци на плата за вработените во МВР освен наведените може да се заклучи дека Министерството за внатрешни работи сакало да обезбеди соодветна заштита, потик и награда за своите вработени. Но, тоа не значи дека МВР како работодавец истите ги реализира во целост со оглед дека одреден дел се само чисто слово на хартија и тие се реализираат по судски пат.