МакедонијаНовостиСиндикат

СТВ на „Green.Smart.Transport.Deal“: Транспортот е далеку од дигитализиран, а работниците уште помалку вклучени во донесување на одлуките

   Време за читање 2 минути

Синдикатот за транспорт и врски при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС зеде активно учество во проектот „Green.Smart.Transport.Deal“ кој е кофинансиран од страна на Европската унија. Преку истиот, учесниците разменуваа решенија за „озеленување“ на транспортниот сектор, дигитализацијата и вклученоста на работниците од овој сектор во процесот на информирање и консултирање.

Logo1

Главниот заклучок на Синдикатот за транспорт и врски беше дека транспортниот сектор во Македонија е далеку од дигитализиран, што е главната причина и поради која загадува. Затоа, Македонија ќе мора активно да работи на дигитализирање на овој сектор во годините што доаѓаат. И покрај некои законски решенија кои ги донесе Владата на Република Македонија, синдикатот истакна, дека истите досега немаат никаков ефект во поглед на „озеленувањето“ на транспортниот сектор и унапредувањето на дигитализацијата.

Што се однесува до информирањето и консултирањето на работниците во овој сектор, констатацијата е дека истите речиси и да не постојат, бидејќи работодавачите (државни или приватни) своите одлуки ретко кога ги споделуваат со вработените, па како резултат на тоа, тие се последните што дознаваат за истите. Синдикалното движење во државата се соочува со големи проблеми, бидејќи синдикалниот активизам наоѓа на голем отпор кај некои работодавачи.

Неопходно е државата да продолжи да работи на „озеленување“ на транспорниот сектор и да вложува во дигитализација на истиот, а работодавачите да започнат повеќе да ги вклучуваат вработените во своите одлуки.

Во проектот учествуваа и претставници од Полска, Шпанија, Словачка, Италија и Хрватска. Во најголемиот дел од овие држави, институциите во голема мера работат на развојот и напредокот на „озеленувањето“ на транспортниот сектор и дигитализацијата. Истите со Македонија споделија низа на решенија кои ќе ѝ бидат од голема полза на државата во насока на унапредување на транзицијата кон „зелен“ транспорт и подобрување на дигитализацијата.