- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовости

Стопанска комора: Приватниот сектор да не се става во политички контекст без аргументи

Стопанска комора - Работник
120views

Стопанската комора на Македонија, како најголема и најзначајна бизнис асоцијација во земјата, која претставува компании кои учествуваат со над 90% во индустријата на Република Македонија и кои учествуваат со над 50% во генерирањето на приходите во приватниот сектор и остварената добивка, оценува дека е потребно да нагласи определени ставови кои се од значење за креирањето на економската политика во Република Северна Македонија.

Во изминатите денови, во рамки на собраниската расправа поврзана со уредувањето на спорот за компанијата „ГА-МА“, оператор на системот за пренос на природен гас, сведоци бевме на бројни квалификации кои се надвор од стандардите на современите парламентарни демократии. Ваквиот наратив негативно влијае на репутацијата на засегнатата компанија „Макпетрол“ АД Скопје, а влијае и врз берзата и врз слободниот пазар на кој се заснова нашата економија, но и се деградира институтот јавно-приватно партнерство, со што се нанесува ненадоместлива штета на стопанството, но и на државата, особено имајќи предвид дека предмет на дискусија е спогодба постигната пред Европската енергетска заедница.

Стопанската комора на Македонија уште еднаш апелира дека недозволиво е од чија  било страна да се прави јавен линч на компаниите, кои градејќи јавно приватно партнерство реализираат дополнителни инвестирања, креираат нови работни места и ги спроведуваат меѓународните стандарди и принципи во своето работење. Затоа, потребно е да се престане со практиката на јавни прозивки на компаниите во политички контекст и изнесување на произволни констатации, кои нанесуваат штета на угледот на компаниите. Компаниите треба да се оценуваат единствено преку критериумите на квалитетот на нивните производи и конкурентноста на понудените цени.

Стопанската комора на Македонија, како најголема и најбројна бизнис асоцијација во земјата, обврзана е да се бори против сите негативни појави во општеството кои влијаат на бизнисот и затоа се залага за јакнење на институциите, но ќе застане зад сите свои членки на кои, наместо аргументи, им се упатуваат јавни навреди и недокажани дела. Во таа насока, Стопанската комора на Македонија апелира на доследно почитување на применливата законска регулатива, и доколку постојат, сите можни сомневања во однос на постоење/непостоење на конфликт на интереси и незаконитости треба да бидат изнесени пред надлежните државни органи, со цел да бидат спроведени сите потребни дејствија во насока на нивно расчистување.