Светот на работникот

„Театар на продуктивноста“: Зошто е во ред да се замине порано од работа, а не и да се дојде подоцна?

Ако во четири часот попладне треба да го земете детето од градинка или училиште, во сè поголем број компании, никој нема да ве погледне попреку. Но, доколку влезете во канцеларија дури околу десет часот наутро, сметајте на барем еден прекорен поглед од колегите.

Работното место по пандемијата стана пофлексибилно – повеќе не се мери секоја минута помината зад биро, ниту пак се очекува класичниот осумчасовен распон „од–до“. Сепак, и понатаму постои непишано правило: важно е кога се појавуваме, а не само колку долго остануваме.

Заминувањето порано попладне изгледа прифатливо затоа што денот е веќе „одработен“. Завршени задачи, одржан состанок со шефот, присуство во клучните часови – сето тоа остава впечаток дека работата е покриена. Дополнително, многумина повторно се логираат од дома навечер, па излегувањето од канцеларија пред 17 часот веќе не се смета за знак на немарност.

Доаѓањето подоцна наутро, пак, носи поинаква порака. Дури и кога планирате да останете подолго, лесно може да се стекне впечаток дека касните во однос на колегите кои од рано наутро се „во акција“.

Што е „театар на продуктивноста“?

Ваквите ситуации се дел од она што во бизнис-светот сè почесто се нарекува „театар на продуктивноста“ – канцелариска драма во која видливоста игра главна улога. Не е секогаш важно што работите, туку како изгледа дека работите.

Токму затоа се појавија и разни „глумачки техники“. Една од популарните е закажување на мејлови да се испратат подоцна навечер, откако веќе сте го затвориле лаптопот, за да изгледа како и понатаму да сте активни. Друга е таканареченото „coffee badging“ – доаѓање во канцеларија само за да се забележи присуство и да се испие едно кафе, а потоа продолжување на денот во поинаков ритам.

Овие нови правила покажуваат дека флексибилноста не исчезнала со враќањето во канцелариите, но и дека старите рефлекси, како оценувањето според времето на доаѓање, уште долго нема целосно да исчезнат.

На крај, можеби и не е важен бројот на часови што ги поминуваме на работа, туку колку сме научиле да балансираме помеѓу перцепцијата и реалната продуктивност.

Извор: BIZLife.rs