ТЕЦ Осломеј и понатаму го труе Кичево, а од соларните централи нема абер
Термоелектраната Осломеј не прифаќа одговорност за загадувањето на Кичево и покрај тоа што градот и околината со години е помеѓу петте најзагадени во државата. Биолозите од Кичево алармираат дека загадувањето се должи токму на работење на централата кога е во функција. Од Електрани на Македонија, под чија надлежност е и Осломеј, признаваат дека за производство на електричната енергија се користи јаглен, за којшто признаваат дека не е еколошко гориво.
„Но, со оглед на малата количина јаглен со која располага рудникот, термоелектраната работи во многу куси периоди во годината. Податоците на мерните станици на амбиенталниот воздух во Кичево покажуваат дека загадувањето во регионот е присутно и високо и во месеците кога термоелектраната Осломеј не работи, што упатува на постоење на други извори на значајно загадување.“
Сепак, резултатите до кои дошол биологот Гафур Ајрули, кој во 2014 година направил истражување, во фокусот ја ставаат токму електраната. Имено тие покажале дека материите кои доаѓаат при согорувањето на јагленот оставаат негативни последици не само врз околината, туку и врз здравјето на граѓаните.
„…Најкритична е ситуацијата со населените места околу термоцентралата Осломеј како што се селата Жубринце, Србица и Поповјани. Во овие села имаме и најголема смртност на населението како резултат на канцерогени болести.“
Инаку, минатата година не се исполнија ветувањата на власта дека во близината на ТЕЦ Осломеј ќе заврши изградбата на соларна централа. Најавите беа дека на локацијата ќе има, не една, туку две такви еколошки чисти централи. Поранешниот технички премиер Оливер Спасовски на почетокот на минатата година дури и тврдеше дека првите количества струја ќе бидат произведени во текот на есента 2020-тта. Тоа не се случи. Првата централа сè уште не е ни изградена, а за втората допрва се спрема тендерска документација.
Извор: АлсатМ

