ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

ТИРЗ го демантира ВМРО-ДПМНЕ: Дали се безначајни 2000 работни места на наши сограѓани на кои им се обезбедува пристоен живот дома?

   Време за читање 2 минути

Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони најостро ги демантира наводите на политичката партија ВМРО ДПМНЕ која продолжува да изнесува невистини поврзани со работата на ТИРЗ.

Порачуваат дека станува збор за редовни и јавно достапни постапки за јавни набавки поврзани со реализација на капитални инвестиции во Зоните на кои учествувале повеќе од десетина компании, од кои повеќето домашни градежни фирми.

-Посочената компанија досега има учествувано на 3, а не на 4 постапки и има доставено најниска понуда за бараните услуги. Во однос на капацитетите во Зоните, конкретно само во посочената ТИРЗ Штип во моментов има четири странски компании со обем на инвестиции од над 150 милиони евра кои генерираат над 200 милиони евра годишен извоз. Дополнително две од постоечките компании се во фаза на проширување на инвестициите, а една е целосно нова. Во овие компании во зоната во Штип во моментов се ангажирани близу 2000 наши сограѓани, се вели во соопштението на ТИРЗ.

Оттука се поставува прашањето дали 2000 работни места на наши сограѓани на кои им се обезбедува пристоен живот дома се безначајни, а Зоните во кои работат се „празни” и “невидливи”.

-Затоа е нејасно чиј интерес застапува политичката партија ВМРО ДПМНЕ и кому му пречи растот на странските инвестиции во земјава со кои само во последниве три години бројот на работни места е зголемен за 40% или со бројки, во последните три години се генерирани над 5000 нови работни места што е скоро исто како севкупниот учинок во периодот од 2006 до 2016 година, порачуваат од ТИРЗ.

Претходно од најголемата опозициска партија обвинија дека во последните години во Македонија нема странски инвестиции, нема ниту политика за привлекување, туку само тендери за уредување на слободните економски зони кои се празни. Портпаролката на партијата, Марија Митева објави договор помеѓу Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони со фирмата ЗОБЕК МИНИМГ ГРУП ДООЕЛ СКОПЈЕ, како што вели, склучен на 25.08.2023 година со кои се уредуваат меѓусебните права и обврски на договорите страни во врска со набавка за нивелирање на парцели во ТИРЗ Штип.

-Договорот е во вредност од 5.705.790 евра. Интересен е фактот што горе именуваната фирма во својата историја на електронскиот систем за јавни набавки има добиено САМО 4 тендери и СИТЕ четири тендери се од Дирекцијата за технолошко индустриски зони и сите овие тендери се добиени откако Јован Деспотовски е именуван за директор на ТИРЗ, посочи Митева.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *