Ново регионално истражување: Повеќе од половина од вработените во Грција се незадоволни од платите
Речиси секој втор вработен во Грција не е задоволен од својата плата, покажува најновото регионално истражување на глобалната платформа Wherewework, кое ја споредува состојбата на работниците во пет земји: Грција, Бугарија, Романија, Унгарија и Молдавија.
Според податоците, 46,7 отсто од грчките испитаници изразиле незадоволство од своите примања, додека речиси половина, 49,7 проценти, сметаат дека нивната плата едвај ги покрива основните животни трошоци или е дури и под тоа ниво. Само мал дел, 11,4 отсто, веруваат дека се соодветно и праведно платени.
Во регионалната споредба, Грција – заедно со Бугарија – се издвојува како земја со најниско ниво на задоволство од платите, а речиси секој втор испитаник (45,7 отсто) смета дека неговата заработка заостанува зад реалните пазарни стандарди.
Економскиот притисок се одразува и врз секојдневието: околу 60 отсто од вработените во Грција велат дека нивната куповна моќ е значително ослабена во последната година. Истовремено, желбата за промена на работното место е висока: околу две третини размислуваат да дадат отказ, главно водени од незадоволство од платите.
Дури 64,3 отсто од испитаниците сериозно размислуваат за нова работа, а речиси четири од десет би се преселиле во друга средина доколку се појави подобра професионална можност. Од друга страна, само 16,4 проценти изразуваат намера да останат на тековното работно место – што претставува највисок таков процент во споредба со останатите држави опфатени во истражувањето.
Платата останува клучниот фактор што ги движи овие одлуки. За 58,1 отсто од испитаниците токму висината на примањата е главниот мотив за евентуална промена на работодавач.
Интересен е и ставот кон вештачката интелигенција. За разлика од другите земји во истражувањето, во Грција стравот дека ВИ би можела да ги загрози работните места е релативно низок – само 11 отсто ја гледаат како директна закана за сопствената професија. Наместо силен оптимизам или страв, доминира став на неизвесност или рамнодушност, при што многумина велат дека темата сè уште не им е приоритет.
Истражувањето укажува дека токму економските грижи, особено платите и трошоците за живот, целосно ја засенуваат дебатата за технолошките промени, вклучително и влијанието на вештачката интелигенција.
Анкетата е спроведена во април годинава на примерок од 11.612 вработени од петте земји, од кои 1.788 учесници се од Грција.

