Ти работи за минимална плата, стекнувај вештини, па (ќе) ти ја зголемам во иднина – најпопуларна реченица на газдите

Автор: Бобан Илијевски

Познавачите на пазарот на труд во Македонија велат дека се случува еден парадокс – работниците кои немаат никакви вештини бараат поголеми плати, додека оние кои поседуваат соодветни вештини се приматели на минимална плата. Јас со ова комплетно се согласувам.

За жал, имаме луѓе коишто мислат дека мораат да имаат големи плати без да вложат во стекнување на вештини и да акумулираат нови знаења. Но, така работите не одат.

Вистинските работодавачи, оние коишто го ценат трудот на работникот, ги ценат и нивните вештини, па како резултат на тоа се подготвени да им дадат повисоки плати. Сепак, најголемиот дел од работодавачите во Македонија, без разлика на тоа колку да се квалификувани работниците им исплаќаат минимални плати. Нив не ги интересираат вештините и им велат дека за тоа и тоа работно место можат да добијат само минимална плата, а понатаму би можеле (големо можеле) да им ги зголемат платите. Во најголем дел од случаите, работниците кои работат повеќе години земаат приближно иста плата како кога започнале да работат на работното место.

Некаде одбиваат да им плаќаат и минат труд, што е задолжително со Законот за работни односи и Колективните договори. Ова значи дека секоја година основната плата на работникот треба да му порасне за 0,5 %.

Честопати имам пишувано на оваа тема и не би сакал да бидам досаден, но и тука морам да напоменам дека насекаде низ светот, компаниите од приватниот сектор бараат луѓето да бидат отворени кон стекнување на нови вештини за да ги вработат, унапредат и со тоа да им ги зголемуваат платите.

Истиот принцип треба да биде и кај нас, но со оглед на тоа што некои газди ги користат слабостите на системот наместо да се придржуваат кон истиот, малку е потешко да се кренеме на тоа ниво.

На газдите им е многу јасно дека се додека даваат исклучително минимални плати, не го почитуваат трудот и правата на работниците, ќе се соочуваат со недостиг на работна сила.

Како што гледам, ќе почекаме уште малку за да им дојде паметот и да сфатат дека начинот на кој функционираат, не е вистинскиот начин, а показател за тоа е губењето токму на работната сила.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.