Останато

Токсичноста и лагите на социјалните мрежи

Автор: Бобан Илијевски

Живееме во време кога светот е речиси целосно дигитализиран, а социјалните мрежи земаат се поголем замав. Фејсбук, Твитер, Инстаграм и разни други социјални медиуми станаа дел од нашето секојдневие. Тука се и дигиталните платформи за гледање на видеа како Јутуб, кои како и социјалните медиуми, станаа главна преокупација на многумина.

На почетокот, социјалните медиуми започна да се користат како алатки за комуникација и запознавање со нови луѓе. Македонците можеа многу полесно да стапат во контакт со нивните роднини од Америка, Австралија, Германија…, а помладите имаа можност да се „вмрежат“ со нивните врсници. Се правеа нови пријателства, се раѓаа нови љубови. Има еден куп на луѓе кои се запознаа токму преку Фејсбук, па сега се во врска или брак.

Ова се дел од позитивните страни на социјалните мрежи. Сепак, за жал, се што има позитивни, има и негативни страни.

На, да ги наречам, криминално настроените луѓе социјалните мрежи им дојдоа како „кец на десетка“ во вршењето на нивните дејствија. Ги користеа и ги користат за преку нив да дојдат до своите жртви. Има една плејада на социјални експерименти кои ги покажуваат негативностите на социјалните медиуми. Најмногу се лажат помалите деца, кои мислејќи дека запознаваат некој добронамерен човек преку мрежите, тие паѓаат во неговата замка. Поради тоа, многу е важно помладите да се предупредат за можните опасности на социјалните мрежи за да бидат посвесни кога комуницираат со некој непознат.

Една друга негативност на социјалните мрежи, којашто не е опасна толку по физичкото, колку по менталното здравје, е што некои луѓе истите ги користат за да промовираат нешто бајковито и нереално. Тука најмногу се издвојува Инстаграм, социјална мрежа каде што можат да се објавуваат фотографии. Ова на многумина им овозможи да се претставуваат лажно и со тоа на помладите, свесно или несвесно, да им укажуваат дека е тоа во ред.

Истото важи и за сите останати мрежи каде што може да се објавуваат и видеа. На што не се подготвени луѓето да направат за да нивните видеа станат вирални, односно да привлечат што е можно повеќе прегледи. Јас велам да им е дозволено и голи ќе се снимаат само за да станат вирални.

Можат да се најдат и еден куп на видеа каде се претставуваат секојдневните „премрежија“ на одредени парови. Истите тие им покажуваат на младите момчиња и девојчиња како треба да се однесуваат со партнерите, но според мене, како не треба. Нив ги сметам и за токсични видеа, бидејќи она што го прават, да се случува во секојдневниот живот, човек нема да издржи ниту еден ден.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk