Тренчевска: „Силни жени-силни заедници“ не треба да биде само флоскула
Нема силни заедници без силни жени, е пораката што денеска ја испратија учесниците на настанот што се одржа во пресрет на 8 Март – Меѓународниот дeн на жената. Затоа, посочија дека е потребно нејзино економско јакнење, преку обезбедување достоинствена и добро платена работа, поддршка за сите групи и транферирање на неформалниот сектор, во кој најчесто работат жени, во формален.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека ако сакаме да зборуваме за демократско општество е потребна целосна вклученост на жените во заедницата, во сите сфери на општественото живеење.
-Ова е потребно ако сакаме да зборуваме за родово сензитивно општество, за демократско општество и во тој контекст ако сакаме да кажеме дека едно општество се декларира како демократско и современо, тогаш тоа треба да овозможи еднакви можности и еднаков пристап до сите ресурси, но и еднаков бенефит од тие ресурси и за мажите и за жените, рече Тренчевска во обраќањето на настанот „Силни жени – силни заедници“.

Само на тој начин, додаде таа, може да зборуваме за општество кое се грижи за сите свои граѓани, општество кое не дискриминира и дава еднакви шанси за сите. Затоа, рече, родовата еднаквост е високо на агендата на Владата и на Министерството за труд и социјална политика со цел она што постои „де јуре“ да биде и „де факто“.
-Наша цел е поддршка за сите жени, креирање политики кои ќе значат подобрување на положбата на секоја жена – претприемачка, жена од рурални средини или тешко вработлива жена, жена политичарка, работничка или домаќинка. Индивидуален пристап е потребен кон секој проблем и кон секоја група поради нејзините специфики, рече министерката.
Според неа, „силни жени-силни заедници“ не смее да биде само флоскула и сите напори на општеството и на државата треба кон тоа да се наосчат.
Швајцарската амбасадорка во земјава Вероник Хулман, која исто така се обрати на настанот, се согласува дека силните жени и силните заедници одат заедно.
-Овие два збора одат заедно. Една заедница која нема јаки жени не може да биде силна, нагласи амбасадрката Хулман.
Според неа, покрај останатите напори за зајакнување на жената и нејзино вклучување во општеството, особено внимание треба да се посвети на секторот на економијата за грижа.

-Обезбедувањето на грижа и услугите за грижа се суштината на едно демократско општество. Секторот за грижа е важен економски сектор. Економијата на грижа е една од најбрзо растечките економски сектори во светот. Зголемената потреба за грижа за деца и постари создаде нови можности за жените, но исто така и за сите други луѓе, истакна швајцарската амбасадорка.
Затоа, рече таа, овој сектор треба да се формализира, да се унапреди и развива и да се овозможат поголеми примања.
Армен Григоријан, постојан претставник на УН во земјава, нагласи дека социјалната инклузија и креирањето нови работни места се главни приоритети на ОН. Нови работни места, се согласува, се можни и преку секторот за грижа.
-Се поголемата потреба од услугите за грижа за лица овозможува понатаму да се развие овој формален сектор за грижа и учеството на жените во работната сила како и нивната продуктивност, рече тој.
Според Григоријан, активностите на економијата на грижа носат тројна добивка за одржливиот развој пред се, како што рече, развојот кој ќе придонесе за повеќе работни места, потоа поголема еднаквост меѓу мажите и жените и преку обезбедување услуги за грижа и подобро здравје за постарите лица и поголема социјална инклузија за лицата со попреченост.
- КСС организира Првомајска конференција на тема: „Работничките права во време на промени: Заедно кон праведна транзиција и ефикасна администрација“ - 28/04/2025
- Германија исплаќа најмногу пензии во Хрватска – дури 84.393! - 28/04/2025
- Вработени во РТС поднесоа петиција до Парламентот: Да престанеме да жмиркаме и да не гледаме она што го гледаат сите - 28/04/2025