Трудово право: Трошоци поврзани со работа – службено патување

Професорот Јовевски за трошоците поврзани со работа – службени патувањата
Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Трошоци поврзани со работа – службено патување
Законот за работни односи им го предвидува правото на работниците да земаат надомест за трошоците поврзани со работата, меѓу кои се вбројуваат и службените патувања, како и користењето на приватен автомобил за службените патувања. Висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на овие трошоци попрецизно се утврдува со закон и колективен договор.
Така, согласно општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството предвидено е дека работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работа, утвредни со закон и колективен договор и тоа за: дневници за службени патувања во земјата во висина од најмалку 8% од основицата; дневници за службени патувања во странство согласно колективен договор на ниво на работодавач ,или акт на работодавач, но не помалку од Уредбата за издатоците за службен пат и селидби во странство што на органите на управата им се признаваат во тековни трошоци; надомест на трошоците за користење на сопствен автомобил за потреби на работодавачот во висина од 30% од цената на литар гориво што го користи автомобилот за секој изминат километар.
ПРАВИЛНО е да се смета дека работникот оди на службено патување согласно претходно даден патен налог од страна на работодавачот и истиот има должност пред работдавачот да ги оправда трошоците на патувањето со фискални сметки, фактури и сл.
ПОГРЕШНО е да се смета дека во случај на неисплаќање на трошоците, работникот може да ги побара во судска постапка неисплатените трошоци во било кое време, паричните побарувања, во кои спаѓа и надоместот за службени патување застаруваат во рок од 3 години и по изминувањето на тој рок не може да се побаруваат истите.
Проф. д-р Лазар Јовевски