УВЕЗЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ЌЕ ГИ ПЛАТИМЕ ПОСКАПО ОД ДОМАШНИТЕ, ВЕЛИ ПЕШЕВСКИ (ИНТЕРВЈУ)
Новинар – Бобан Илијевски
Дали постои можност македонските работници да бидат „заменети“ со поевтина работна сила од надвор? Ова е едно од прашањата на кои побаравме одговор во интервјуто со Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање и потпретседател за приватен сектор на ССМ, Иван Пешевски.
„За да им се обезбеди работа на домашните работници најпрвин треба Владата да даде работа на домашните компании. Последен и најсвеж пример како не треба е Договорот помеѓу Владата и американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка кој предвиде 1,3 милијарди евра за проект кој не гарантира работа на наши компании и работници“, вели Пешевски во текот на мини интервјуто кое стриктно се однесува на увозот на работна сила од надвор.
Работник: Кој е ставот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање за увозот на работна сила од земји каде што платите се пониски од нашите?
Пешевски: Најпрвин да потсетиме дека уште во месец септември 2022-ра година излеговме со став дека концептот Отворен Балкан ќе биде погубен за нашата држава. Ова го велам од причини што единствено Р.Албанија од соседните земји има пониска минимална и просечна плата од нас, па со тоа може да се очекува евентуално работници од Р.Албанија да дојдат кај нас каде за разлика од другите земји секаде ќе заминат нашите работници бидејќи Црна Гора, Србија и Хрватска се далеку пред нас. Ако мислиме на работна сила од земјите на Третиот свет како Пакистан, Бангладеш, Непал и слични тогаш сме во вистинска заблуда дека токму тие работници на кои најпрвин е потребно да им обезбедите лет, па сместување и храна и згора на се барем просечна плата, ќе видите дека повеќе ќе чинат отколку ангажирање на домашни работници. Да не заборавиме дека нашите работници особено од трудо-интензивните дејности ја напуштија државата поради ниските плати и лошите услови за работа. Доколку во тоа време ги ценевме соодветно, ќе останеа тука и ќе чинеа помалку отколку овие работници што се планираат да се увезат од надвор. Втора работа што сметам дека е клучна е што овие работници со нашите плати ќе не можат да преживеат и уште првиот месец ќе заминат во западноевропските земји за подобра егзистенција, пример што сме го имале во минатото. За крај на прашањево би рекол дека многу погубна политика и за нас како држава, но и за работодавачите ќе биде да дојдат работници од овие земји кои не знаеме колку се продуктивни, а нашите да заминуваат надвор и да бидат многу продуктивни за тие работодавачи и земји и да ги изгубиме засекогаш како работна сила и свесно да ја дотонеме економијата и растот на бруто – домашниот прозивод.
Работник: Сметате ли дека доколку овој процес на увоз на работна сила е успешен и голем број на странски работници дојдат кај нас, ќе ги стави домашните работници во опасност да бидат заменети? Како гледате на ова?
Пешевски: За да дојде голем број работна сила најпрвин сметам дека тоа треба да е барање на работодавачите, а не на Владата што засега и не е голем број што треба да се потполни, имајќи во предвид дека веќе 4.000 градежни работници имаме регистрирано во државата, но работат за нивен работодавач и земаат турска плата а не македонска. Од друга страна, нашиот квалификуван и високо квалификуван кадар веќе е по други земји. За да им се обезбеди работа на домашните работници најпрвин треба Владата да даде работа на домашните компании. Последен и најсвеж пример како не треба е Договорот помеѓу Владата и американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка кој предвиде 1,3 милијарди евра за проект кој не гарантира работа на наши компании и работници и проект кој се‘ уште не е изготвен, а да не говориме што потоа ќе следат уште многу поголеми трошоци за истиот проект кога ќе се пресметува експропријацијата и обезбедување средства за имотите на граѓаните од тие места. Навистина од овие средства ако повеќе од половината не завршат во домашната економија секако дека ќе имаме уште поголемо одлевање на работници поради затворање на домашни компании, имајќи во предвид дека за минатата година веќе имаме 12.622 помалку работници само во градежниот сектор.
Работник: Во градежниот сектор во Македонија веќе има работници од надвор, но се поставува прашањето колку од нив се тука легално, а колку нелегално. Имате ли вие како синдикат од оваа индустрија информации колку странски работници има во градежниот сектор и каков е нивниот статус, во смисла на тоа дали се легално во Македонија?
Пешевски: Од последните информации што ги добивме околу 4.000 се турски работници само во секторот градежништво, но колку се легално тука не знаеме, бидејќи кога пријавувавме во Државниот инспекторат за труд постапија после две ипол години и фатија 93 работници на градилиште во центарот на градот Скопје, а нашите сознанија беа дека се преку 250 работници на црно само на тоа градилиште. Што се однесува на официјални податоци такви не можеме да најдеме на веб страната на Државниот завод за статистика, а исто така одговор немаме добиено ни од Агенцијата за вработување на Македонија. Сметам дека има многу поголем број ангажирани работници на црно како домашни така и од надвор, но поради преслабиот инпекциски надзор ова прашање нема да се реши во догледна иднина. Истото се претпоставува дека ќе биде доколку се либерализира пазарот и дојдат нови работници од надвор каде покрај одредена пријавена група постои голема опасност да влезат и илегално непријавено да работат и останати работници.
Нагласувам за крај дека механизмот за спроведување на законите особено Законот за работните односи и Законот за безбедност и здравје при работа се до таа мера слаби во инспекторатот за труд да не можат да ја доловат реалната слика на терен.