КолумниНовости

Упорни се нашиве властодршци, ама не за тоа што треба, туку за тоа што не треба + АУДИО

   Време за читање 3 минути

Автор: Бобан Илијевски

Им успеа! Ги донесоа петте закони! Браво! – Оние кои подолго време ги читаат моите колумни знаат дека сум ироничен секогаш кога ги „фалам“ (не)политиките на оваа власт. Не ми остана ништо друго, освен да бидам ироничен.

Веста за носењето на законите, меѓу кои се и измените на Законот за работни односи – кои се однесуваат на оние работници кои ќе работат на коридорите 8 и 10 д, ја споделив и со моите колеги од Балканот, (со нив заедно работиме како дописници од Балканот за една европска медиумска платформа).

Беа изненадени од тоа колкава е смелоста на нашите властодршци да ги преминат границите на разумот и да донесат измени кои се косат со конвенциите на организацијата која е стара 104 години и е основана во 1919 година – Меѓународната организација на трудот, која е постара и од Организацијата на Обединетите Нации.

Имено, измените се косат со Конвенцијата од 1919 година која го ограничува работното време на 48 часа неделно и Конвенцијата бр. 47 од 1935 година која го фиксира работното време на 40 часа неделно.

Се косат и со директивите на Европската унија, особено со Директивата 88/2003, во која се вели „просечно работно време за секој седумдневен период, вклучувајќи го и прекувременото работење, не смее да надминува 48 часа неделно”.

Дури и самата Европска унија преку Делегацијата во Македонија се изјасни дека е против овие закони да се пуштат во Собрание со европско знаменце. Тоа го кажа и самиот Евро-амбасадор Дејвид Гир.

И Европската Конфедерација на синдикати, Европската Федерација на синдикати од јавен сектор и Светската Конфедерација на синдикати беа против овие измени. Тие испратија писма до премиерот Ковачевски, во кои јасно го поентираа тоа.

Да се надеваме дека законските измени нема да се злоупотребуваат од страна на газдите кои со душа чекаат своите работници да ги натераат да работат уште повеќе часови, а доколку бидат злоупотребени, овие измени ќе им дадат залет да ги натераат да им работат од 60 до 72 часа.

Од друга страна, доколку истите овие законски измени важат само за градежните работници, тогаш имаме и дискриминација. Ова го кажа и еден универзитетски професор кој е одлично упатен во трудовото право.

Сега останува да видиме како ќе постапи Претседателот Стево Пендаровски – дали ќе го потпише указот или ќе го врати назад. Во меѓувреме, синдикатите и граѓанските здруженија кои се борат за заштита на работничките права се на готовс и го чекаат вистинскиот момент за да ги оспорат измените пред Уставниот суд.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера