НовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Услужните сектори прават голем промет во Недела – Дали работниците во тие сектори ќе работат за дупла дневница?

Некои сектори прават голем промет во Недела - Работник
3.64Kviews

Одлуката на Владата недела да биде неработен ден наиде на позитивни реакции од страна на синдикатите кои ја поздравија оваа одлука и прогласија една победа во корист на работничките права. Од друга страна, работодавачите излегоа со став дека ова е добра одлука се додека трае пандемијата, но не се согласија таа да остане во сила и по завршувањето пандемијата, бидејќи според нив економијата во Македонија е слаба и истата нема да може издржи. 

Ангел Димитров, од Организацијата на Работодвачи на Македонија за порталот Работник рече дека според сегашниот Закон за работните односи „Ден на неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата“. Ова значи дека ако природата на дејноста е таква, во Недела да се остварува многу поголем промет од останатите денови во неделата, работодавачот може да прогласи друг ден во неделата за неделен одмор. Од друга страна Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанаството во членот 24 предвидува дека работникот кој ке работи во ден на неделен одмор му следува зголемување на основната плата за 50%.

„Идејата Недела да биде во сите случаи неработен ден се заснова на еднаквоста на вработените во сите сектори и кореспондира со тенденциите во Европа. Се разбира дека Собранието на РСМ со измена на Законот за работните односи може да го прогласи Недела за неработен ден за сите сектори“, вели Димтров. 

Ставот на Организацијата на Работодавачи е дека во вакви услови на пандемија може да се прифати таква мерка и таа би помогнала за смалување на ширењето на заразата, но за конечно и трајно решение сметаме дека Македонија не е на таков степен на развој за да може да си дозволи ваква мерка, истакна Димитров. 

Дел од услужните сектори како што се моловите, угостителството, хотелиерството и други во Недела остваруваат промет кој е скоро идентичен на целата недела, вели Димитров.

„Тогаш во Македонија доаѓаат купувачи од Грција, Бугарија, Косово и др. околни држави и оставаат значителен девизен прилив кај нас. На ваков низок Бруто домашен производ по жител, ние не можеме едноставно да ги копираме развиените држави кои имаат 5 до 10 пати поголема БДП по жител“, вели Димитров. 

Не само за микро и малите компании, ова би било многу негативно и за средните и големите компании кои работат во овие дејности. Владата се обидува со разна финансиска помош да ја одржи потрошувачката во земјата, а од друга страна неработната Недела би имала многу поголеми негативни импликации на економијата, посочи Димитров. 

„Сегашното решение во ЗРО е добро, само е потребно да се направи поголема контрола – дали на оние работници кои работат во Недела им се исплаќа надомест од 50%, дали се почитува правилото за дневен, неделен и годишен одмор на вработените и со новиот ЗРО би требало да се остави поголема слобода на договорните страни (работодавачот и работникот) во Договорот за вработување да можат не само да се договорат за тоа кој ден во неделата е неработен туки и сами да го договараат надоместокот за работа во Недела. Сигурен сум дека голем број на работници и самите ќе бараат да работат во Недела ако надоместокот за тоа е значителен“, заклучи Димитров.

И претседателката на „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева ја поздрави одлуката. Ампева истакна дека на работниците во целиот приватен сектор тоа им е проблем. Да имаат дел на неделен одмор. Градежните работници, ќе ги видите дека работат на зградите. Маркетите се нонстоп отворени. И тие жени кои се во големите молови и тие имаат право да бидат еден ден со семејството, пренесува порталот 360 степени.

Од ССМ пак велат дека имаат разбирање за тоа дека не сите работници ќе можат да одмараат во недела, бидејќи постојат и такви дејности кои е непходно е да функционираат секој ден. 

Дарко Димовски, Претседател на ССМ за 360 степени вели дека синдикатот направил сеопфатни анализи пред да го дадат предлогот за неработна недела. Посочи дека сите анализи покажале дека на работникот му е потребен денот Недела за одмор, бидејќи на тој ден, тој може да се посвети на семејството, на самиот себе, како и да с еодмори за да биде попродуктивен. 

„Самиот закон вели дека во една недела може да се работи само 40 часа. Тоа кај нас, за жал, некои газди и работодавачи го злоупотребуваат и се работи континуирано 48 часа. Да, законот не вели дека 8 часа е работниот ден, може да се подели и сабота да биде работен ден. Но, тој не смее да биде повеќе од 6 часа, бидејќи, ако од понеделник до петок работиме 7 часа, во сабота ќе работиме 6 часа“, рече Димовски.

Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека формирале секторска работна група која работи на законските измени. Истакнаа дека работната група преку компаративни анализи, но и преку детална анализа на потребите на работните процеси во повеќе сектори, како и преку консултација со другите министерства, ќе подготви предлог законско решение. Министерството навремено ќе ги сподели сите решенија во оној момент кога тие ќе бидат дефинирани.

Останува да се види ова законско решение дали ќе се спроведува во пракса и дали ќе се засили инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат на труд по ова прашање.

Бобан Илијевски