„Успехот“ на минатата Влада и оние пред неа: Над 32 % младинска невработеност, една од највисоките во Европа
Еве го резултатот на минатата Влада, што се однесува до состојбата со младите во Македонија: Во изминатите пет години, земјата ја напуштиле околу 60,000 млади луѓе, 62 % размислуваат да се иселат, а 77 % од нив не планираат да се вратат назад. Податоците се од повеќе извори, меѓу кои Евростат, домашните институции и Вестминистер фондацијата за демократија. Причините за ваквата слика се веќе добро познати, но важно е повторно да се споменат: недостаток на квалитетни работни места, ниски плати, ограничени можности за кариерен напредок, корупција и генералната недоверба во институциите.
На почетокот ја споменав минатата Влада. Да објаснам зошто. Податоците се од изминатите пет години, а минатата Влада предводена од СДСМ и ДУИ владееше седум години. Е сега, мора да се признае дека и останатите претходни влади имаат голем удел во овие негативни тенденции, но според мене, минатата Влада беше далеку полоша од останатите што се однесува до создавање нови работни места и кревање на стандардот, а и тоа како беше одлична во бустирањето на корупцијата и огромните манипулации кои ги ширеа преку своите ПР машинерии.
Дополнителен проблем е и младинската невработеност, која во 2024 година изнесувала дури 32,3 %, со што Македонија е меѓу земјите со највисока невработеност во Европа и со двојно повисока стапка од просекот на Европската унија.
Дел од вината носи и приватниот сектор, бидејќи добар дел од газдите не им нудат сигурни работни места на младите. Тие се најчеста мета на отпуштања кога треба да се намали работната сила, а и младите потешко успеваат да најдат вработување, бидејќи некои компании бараат превисоки квалификации за одредени работни позиции, а ретко кои нудат платени практикантски програми.
Пребарувајќи што сум пишувал на оваа тема во минатото, налетав на една моја колумна од 2022 година во која сум го напишал следново:
„Господа извршни директори и менаџери, за да создадете квалитетен кадар треба да вложите во него. Сам не може да се квалификува. Затоа треба да воведете добро осмислени практикантски програми, за коишто ќе издвоите одредена сума на пари и истите ќе ги давате на практикантите. Со тоа што барате три години работно искуство, не можете да привлечете квалитетни млади луѓе, туку напротив ги бркате. Знам дека со тоа што барате искуство намерата ви е да привлечете работници кои ја познаваат работата и тоа е во ред. Сепак, мислам дека треба да се вложува и во луѓе без искуство. Тие можеби не го поседуваат она што го барате, но голем дел од нив имаат квалитет и желба да ја научат работата.“
Колку што се сеќавам оваа колумна ја пишував испровоциран од превисоките барања на одредени компании за вработување на млади луѓе без искуство и недостатокот од практикантски програми.
Сѐ додека државата не започне вистински да се грижи за младите, а компаниите не започнат да иницираат програми кои ќе ги привлечат, ќе продолжиме да го гледаме истиот пејзаж како досега, кој мораме да признаеме, е премногу депресивен и демотивирачки.