КолумниНовости

Уште еднаш покажавте дека работниците не ви се важни – Ама ако, се ближат изборите

   Време за читање 2 минути

Мини колумна на Бобан Илијевски (последна за оваа година)

Последната колумна ја објавив пред некој ден, но испровоциран од случувањата во последните денови, чувствувам дека повторно морам да споделам мои размислувања со јавноста.

Она што од сѐ најмногу ме испровоцира беше препораката која Владата ја усвои на 214-тата седница одржана на 28 декември, со која буквално одобри прекршување на законското решение за недела неработен ден кое истата политичка партија (СДСМ) го поднесе на гласање во Собрание. Со истата, Владата им даде ветер во грб и на работодавачите во секторот трговија на мало да го прекршат законското решение.

Јавноста, најголемиот дел од неа, застана на страната на вработените во маркетите и побара да не работат за време на празниците за да ги поминат со своите најблиски. Реакции имаше и од здруженија, синдикати, политички партии, медиуми. Реакција имаше и од самите вработени кои анонимно преку прашалникот кој го споделив на Фејсбук рекоа дека сакаат да бидат со своите семејства за празниците. И покрај сето ова, Владата не се одважи да ја повлече ПРЕПОРКАТА.

Некои велат дека Владата одлучила да ја усвои за да собере политички поени од газдите. Ако е ова точно, тогаш имаат сериозен проблем. Работниците се во многу поголем број од бизнисите во оваа земја, што значи дека се потпреле на погрешната страна.

Работниците гледаат сѐ што се случува и кога ќе дојде судбоносниот момент, а ќе дојде за неколку месеци, ќе си кажат што мислат.

Со ова што го направи Владата, уште еднаш покажа дека работниците ги става во втор план. Ако, ако. Се ближи денот кога ќе се отвори ќитапот…

Од мене толку за оваа година.   

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси