ФИРМИТЕ ШТО СЕ НЕЛЕГАЛНО НА РЕГУЛИРАНИОТ ПАЗАР МОЖЕ ДА ЈА ОПТОВАРАТ ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА ЗА ГРАЃАНИТЕ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИ

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски очекува што поскоро на слободниот пазар да се вратат фирмите кои нелегално се префрлени на регулираниот пазар. Тој признава дека тие можат да ја оптоварат цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи.

– Да, се согласувам. Тоа треба да биде брзо затоа што тие потрошувачи можат да ја оптоварат и цената на граѓаните и на малите потрошувачи. Она што ние го правиме како ЕСМ во текот на оваа година е дека значително ќе ги намалиме непродуктивните трошоци. Тоа го направивме со намалување на планот за јавна набавка и за над 55 милиони евра да го зголемиме домашното производство, тоа го правиме со домашните капацитети плус со вклучувањето на ТЕЦ „Неготино“ во системот на есен и на зголеменото домашно производство. Значи намалена цена на домашната произведена електрична енергија. Така што во тие насоки ќе гледаме цената да биде избалансирана и она што го слушнавте во изјавите и од претседателот на РКЕ, но и од министерот за економија, дека не се очекува да има зголемување на цената на електрична енергија, освен во оној дел околу данокот кој од 1 јануари наместо 5 треба да биде 10 проценти, рече Ковачевски.

Точните проценки ЕСМ ќе ги има околу 15 декември, а за следната година се очекува планот за производство да биде зголемен во однос на оваа година.

Во моментот електрична енергија се произведува во двата блока на РЕК „Битола“, а во РЕК „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“ во тек се ремонтни активности. Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски очекува кон почетокот на следниот месец РЕК „Битола“ да работи со полн капацитет, односно во функција да биде ставен и третиот блок по пристигнувањето на трансформаторот од Турција. Трансформаторот се очекува да пристигне во земјава до 22 овој месец, по што 10-тина дена треба да трае монтажата.

РЕК „Осломеј“ до 28 ноември ќе биде во ремонтни активности, по што се очекува кон почетокот на декември да почне со работа и во целост да ги исполнува планираните производствени количини на електрична енергија за периодот од 1 декември до 30 април следната година. Во ремонтни активности е и ТЕЦ „Неготино“, а се очекува да биде комплетно подготвен за грејната сезона и со него да се обезбеди дополнително производство на електрична енергија.

– Во октомври немаше набавка на електрична енергија. Во првата половина од ноември набавивме само за седум дена, значи првите седум дена од месецот немаше набавки и очекувано сега во планот за испорака на електрична енергија да има дел набавки во втората половина од ноември и во текот на декември доколку има потреба согласно производството на електрична енергија од сопствените капацитети, изјави Ковачевски.