Секое петто работно место во ЕУ се смета за ризично: Една земја предводи според ранливоста на вработените
Речиси 20 % од работните места во Европската унија се соочуваат со проблеми како ниски плати, несигурни договори за вработување или недостаток на права на вработените, покажува новиот извештај на Eurofound.
Речиси секое петто работно место во Европската унија може да се смета за ранливо поради најмалку еден од три проблеми – недоволни примања, несигурно вработување или недостаток на права на работното место, покажува новиот извештај на европската фондација Eurofound.
Најголем удел на такви работни места е забележан во Шпанија.
Eurofound ја дефинира ранливоста на вработените како појава која опфаќа недоволни примања, несигурност на работните места и ограничени права на работниците.
Според најновиот извештај на оваа агенција на Европската унија, која се бави со истражување на работните услови и социјалната политика, околу 18,8 % од вработените во ЕУ биле во ранливи работни односи според податоците за 2021 година, последната година за која постојат споредливи податоци за приходите.
Сепак, трендот во последните години е поповолен. По финансиската криза, кога уделот на ранливи работни места пораснал од 21,4 % во 2009 на 23,8 % во 2014 година, бројот на такви работни места започнал постепено да опаѓа од 2016 година и сега е под нивото пред кризата.
Шпанија предничи по бројот на несигурни работни места
Мапата на Европа покажува големи разлики меѓу државите.
Најголем процент на ранливи работни места има Шпанија со 29 %, следуваат Португалија и Луксембург со по 25 %, додека во Италија 24 % од вработените се во таа категорија.
Најниски нивоа се забележани во Унгарија (17 %), како и на Малта и во Бугарија (по 18 %).
Причините за проблемите се разликуваат од земја до земја. Во државите како Германија и Австрија, како и во делот на централна и источна Европа, главен проблем претставуваат ниските плати.
Во медитеранските земји и нордиските држави најголем предизвик е несигурното вработување, особено принудната работа на одредено време и скратеното работно време кое работниците не го избрале.
Посебен случај е Луксембург, кој се наоѓа високо на листата, бидејќи висината на платата се споредува со просечните приходи во секоја земја, па и релативно високите плати можат да бидат оценети како недоволни во однос на националниот стандард.
Кој е најзагрозен?
Извештајот покажува дека меѓу најранливите групи се:
- жените,
- младите работници,
- мигрантите,
- припадниците на ромската заедница,
- лицата со инвалидитет,
- ЛГБТ+ лицата.
На нивната положба често влијаат дискриминацијата, обврските за грижа за семејството, административните препреки и непризнаените квалификации.
Образованието се покажува како една од најголемите заштити од несигурни работни места. На пример, во Унгарија дури 58 % од работниците со пониско ниво на образование се во ранлива положба, додека меѓу високообразованите тој процент е севкупно 6 %.
Искуството на пазарот на труд, исто така, го намалува ризикот – секоја додатна година помината во работа ја намалува веројатноста од ранливо вработување за околу еден процентен поен.
Кај младите работници ситуацијата може да биде посебно изразена. Во Данска, на пример, во 2015 година дури 59 % од младите вработени биле во ранлива положба, во споредба со 11 % од возрасните. Сепак, во нордиските земји тоа често се смета за преодна фаза додека младите не дојдат до постаблни работни места.
Најголемиот проблем настанува кога ризците ќе се здружат
Само еден вид на проблем не мора нужно да значи лоши работни услови. Меѓутоа, кога повеќе облици на ранливост ќе се спојат кај истиот работник, последиците стануваат многу посериозни.
Таквите вработени имаат послаби можности за напредување, помал пристап до обуки, помала контрола над својата работа и непредвидливи примања.
Извештајот наведува дека повеќекратно загрозените работници често имаат проблем со анскиозност и депресија, иако не пријавуваат нужно поголемо ниво на стрес директно поврзан со работата.
Eurofound предупредува дека флексибилните облици на работа можат да бидат корисни, но не смеат да доведат до пад на стандардот и заштитата на вработените. Правилата, како што наведуваат, имаат смисла само ако постојат ефикасни инспекции на труд кои навистина ги спроведуваат.

