ЕкономијаСвет

Луксембург со највисока минимална плата во Европа, Бугарија на дното во ЕУ

Луксембург ја има највисоката бруто минимална плата во Европа, која во јули 2026 година изнесувала 2.771 евро месечно, покажуваат најновите податоци на Евростат. Најниската минимална плата во Европската Унија е регистрирана во Бугарија и изнесува 620 евра.

Меѓу земјите членки на ЕУ, покрај Луксембург, минимална плата повисока од 2.000 евра имаат Ирска со 2.391 евро, Германија со 2.343 евра, Холандија со 2.338 евра и Белгија со 2.234 евра. Франција е веднаш зад нив со минимална плата од 1.867 евра.

Во групата земји со минимална плата меѓу 1.000 и 1.500 евра се Словенија, Шпанија, Литванија, Полска, Кипар, Грција, Португалија и Хрватска. Во оваа група платите се движат од 1.050 евра во Хрватска до 1.482 евра во Словенија.

На европското дно се Украина со минимална плата од 169 евра и Молдавија со 313 евра. Северна Македонија е меѓу седумте земји кандидати за членство во ЕУ што имаат утврдена национална минимална плата, заедно со Црна Гора, Молдавија, Албанија, Србија, Турција и Украина.

Евростат објавува податоци за националните минимални плати двапати годишно, според состојбата на 1 јануари и на 1 јули. Износите се прикажани во бруто-вредност, односно пред одбивањето на даноците и придонесите.

Разликите меѓу земјите се намалуваат кога платите ќе се споредат според стандардот на куповната моќ. Според овој показател, Германија е на првото место со 2.164 PPS, додека најниска вредност во ЕУ има Естонија со 935 PPS.