Масовен штрајк во Бангладеш: Затворени 150 фабрики кои произведуваат облека за Zara, H&M и Primark
Работниците во текстилната индустрија бараат зголемување на минималната плата поради растечките трошоци за живот. Речиси 150 фабрики се затворени, а протестите предизвикаа и блокади на сообраќајници.
Речиси 150 фабрики за текстил во Бангладеш се затворени поради масовниот штрајк на работниците, кои бараат зголемување на минималната плата поради растечките трошоци за живот.
Штрајкот започна во главните индустриски зони во земјата, особено во Савар, Ашулија и Газипур, каде што се наоѓаат голем број фабрики за производство на облека.
Незадоволството ескалираше во неделата наутро, кога работниците се собраа на автопатот Дака-Тангаил во Газипур и го блокираа сообраќајот околу еден час, по што интервенираше полицијата.
Полицискиот надзорник Мухамед Амџад Хусеин изјави за Би-Би-Си дека дел од фабриките биле затворени откако работниците ги напуштиле работните места. Според него, 13 производствени погони биле затворени во саботата навечер, а уште 16 за време на протестите во неделата наутро.
Работниците бараат речиси двојно повисока минимална плата
Главното барање на работниците е минималната месечна плата да се зголеми на 30.000 таки, односно околу 218 евра.
Во моментов, минималната плата изнесува 12.500 таки, или приближно 91 евро. Работниците сметаат дека оваа сума не е доволна за покривање на основните животни потреби.
Од друга страна, одредба од работното законодавство на Бангладеш, позната како „Нема работа, нема плата“, им овозможува на сопствениците на фабриките да го прекинат производството и да не исплаќаат плати кога работниот процес е нарушен.
Здружението на производители и извозници на облека на Бангладеш (BGMEA) и Здружението на производители и извозници на плетена облека (BKMEA) побараа итна заштита на производствените капацитети.
Претседателот на BGMEA, Махмуд Хасан Кан, ја доведе во прашање понатамошната вклученост на работодавачите во преговорите за платите доколку не бидат обезбедени безбедносни гаранции.
„Фабриките за облека кои поради постојаните немири не можеле да го продолжат производството ќе останат затворени на неопределено време, согласно Законот за работни односи на Бангладеш“, порача Кан.
Синдикатите: Работниците ја плаќаат цената на евтината облека
Синдикалните претставници и критичарите на текстилната индустрија предупредуваат дека работниците се жртвуваат за фабриките да можат да одржуваат ниски и конкурентни цени на западните пазари.
Џоли Талукдер, потпретседателка на Синдикалниот центар на текстилните работници, изјави за Би-Би-Си дека работниците со години го поднесуваат товарот на кризата, додека сопствениците на фабриките и глобалните модни брендови остваруваат профит.
„Тие бараат плата со која ќе можат да преживеат. Како некој совесен човек може да се спротивстави на едно толку основно човечко барање?“, праша Талукдер.
Четири милиони работници произведуваат облека за светските брендови
Текстилната индустрија е еден од столбовите на економијата на Бангладеш. Секоја година таа остварува речиси 40 милијарди долари од извоз, што претставува околу 10 проценти од бруто-домашниот производ на земјата.
Во секторот се вработени околу четири милиони луѓе, кои произведуваат облека за некои од најпознатите светски модни брендови, меѓу кои Zara, H&M и Primark.
Бангладеш е втор најголем светски извозник на готова облека, веднаш зад Кина. Поради тоа, постои загриженост дека продолжувањето на прекините во производството може сериозно да ги наруши синџирите на снабдување на меѓународните купувачи.
Владата најави нова структура на минималната плата
Владата на Бангладеш на 1 ноември формираше посебна комисија за минималната плата, со која претседава висок окружен судија.
На првиот состанок било најавено дека препораките за новата структура на платите ќе бидат финализирани до крајот на ноември.
Се очекува ревидираните плати да стапат во сила од 1 декември.
Извор: Б92

