ЕкономијаСвет

Хуанг сака да се врати на чело на „Нвидиа“: Се формира кризен штаб за лобирање

Поранешниот извршен директор и коосновач на американската технолошка компанија „Нвидиа“, Џенсен Хуанг, разговарал со блиски соработници за можноста да се врати на раководната позиција во компанијата, објави „Фајненшл тајмс“ (FT).

Според извори запознаени со ситуацијата, неговите поддржувачи од Силициумската долина веќе формираат таканаречен „кризен штаб“, чија цел е да лобира за негово враќање на чело на технолошкиот гигант.

Еден од сојузниците на Хуанг изјавил за британскиот весник дека група влијателни директори од технолошката индустрија ќе се обиде да обезбеди поддршка и од Белата куќа.

„Сите што нешто значат во технолошката индустрија, надвор од водечките истражувачки лаборатории, го сакаат Џенсен“, изјавил изворот, додавајќи дека Хуанг ја поддржува иницијативата.

Во меѓувреме, управниот одбор на „Нвидиа“ спроведува независна истрага за неговото однесување, кое предизвика сериозна криза во раководството на компанијата, чија пазарна вредност се проценува на околу четири билиони долари.

Хуанг и понатаму има значителна поддршка меѓу дел од вработените во компанијата. Некои од нив јавно побараа негово враќање и потпишаа отворено писмо во деновите по неговото заминување.

Сепак, иницијативата за негово враќање може да наиде на отпор кај одредени влијателни претставници во Вашингтон. Американскиот министер за финансии Скот Бесент во неделата повика на „драматични промени“ во раководството на компанијата по заминувањето на Хуанг.

Случајот дополнително го привлече вниманието на јавноста по извештаите за наводна љубовна врска на Хуанг со Алис Хуанг, директорка на сингапурската компанија „Мегаспид“, како и со една вработена во „Нвидиа“.

Овие наводи отворија дополнителни прашања за механизмите за корпоративна усогласеност и контролата при продажбата на чипови за вештачка интелигенција на азиски купувачи кои би можеле да имаат врски со Кина.

Извор: b92.net