ЕкономијаМакедонијаНовости

Фирми и физички лица должат кон УЈП над 168 милиони евра

   Време за читање 1 минута

Се зголеми бројот на фирми должници кон Управата за јавни приходи, а се намали бројот на физички лица кои имаат обврски кон УЈП, покажува најновата листа на должници која ја објави даночната управа.

На Листата на должници објавени се вкупно 1.872 должници – правни лица (повеќе за 15 од претходната листа) и 3.628 физички лица (помалку за 85 од претходната листа), велат од УЈП.

Вкупно објавениот нето долг во Листата бр.02/2024 изнесува 10.345.995.706 денари, или околу 168,2 милиони евра (повеќе за 242.063.868 денари или 3,9 милиони евра од претходната листа).

Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 10.141.312.568 денари, односно околу 164,9 милиони евра, (повеќе за 220.936.090 денари или околу 3,6 милиони евра од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 204.683.138 денари или 3,3 милиони евра (повеќе за 21.127.778 денари или 343,5 илјади евра од претходната листа).

Оваа листа ги опфаќа долговите доспеани до 31.10.2023 и неплатени до 31.01.2024 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е: повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност; и повисок од 300.000 денари за правните лица.